Аџибадем Систина

РИТА НАЈМАЛОТО БЕБЕ РОДЕНО ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СО САМО 610 ГРАМА ГО ПРОСЛАВИ ПРВИОТ РОДЕНДЕН

13.08.2026

96 дена неизвесност, страв и солзи, а потоа 269 дена исполнети со радост, прегратки и среќа. Малата Рита, најмалото бебе родено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, наполни една година.

За својот прв роденден таа повторно дојде на местото каде што ја започна својата најголема животна битка, на Одделот за неонатална интензивна нега. Но овојпат не како пациент, туку како весело, разиграно и насмеано девојче кое со своето присуство потсети на една од најголемите победи на тимот што се грижеше за неа.

Роденденот го прослави со своите родители, но и со докторите и медицинските сестри со кои ги помина првите три месеци од животот, луѓето кои во најтешките моменти беа постојано покрај неа и покрај нејзиното семејство.

За родителите на Рита ова беше средба исполнета со огромна радост, но и со силни емоции. Велат дека засекогаш ќе ја паметат грижата, поддршката и посветеноста на целиот медицински тим кој во првите, најнеизвесни денови од животот на нивната ќерка се бореше заедно со неа.

ОД 610 ГРАМА ДО НАСМЕАНО ЕДНОГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ

Приказната на Рита започна многу порано од очекуваното. Таа се роди во само 24. гестациска недела, со родилна тежина од 610 грама - на границата на можностите на современата неонатологија. Толку мала и кревка, а сепак со неверојатна желба за живот, Рита уште од првиот здив покажа дека е голем борец.

Следуваа 96 дена лекување на Одделот за неонатална интензивна нега во „Аџибадем Систина“. Денови исполнети со неизвесност за нејзините родители, но и со постојана борба, грижа и надеж за медицинскиот тим.

Рита мораше да надмине бројни здравствени предизвици карактеристични за екстремно предвремено родените бебиња. Незрелоста на белите дробови бараше респираторна и кислородна поддршка, а во текот на лекувањето се соочи и со мозочно крвавење од втор степен, тешкотии со исхраната, проблеми со регулирањето на шеќерот во крвта и тешка форма на ретинопатија, за која беше потребен третман.

Сепак, со секој нов ден Рита правеше по еден мал, но значаен чекор напред.

Секој самостоен здив беше победа. Секој добиен грам беше причина за радост. Секоја дополнителна голтка мајчино млеко беше уште еден знак дека малото девојче не се откажува.

По три месеци интензивно лекување, борба и неизмерна грижа, Рита во добра здравствена состојба конечно замина во својот вистински дом, во прегратките на своите родители.

БОРБАТА НЕ ЗАВРШИ СО ИЗЛЕГУВАЊЕТО ОД БОЛНИЦА

По заминувањето дома следуваше нов период, месеци на внимателно следење на нејзиниот раст и развој, надминување на тешкотиите поврзани со исхраната, дополнителни испитувања и терапевтски корективни постапки.

За нејзиното здравје и развој продолжи да се грижи мултидисциплинарен тим од одделот педијатрија во „Аџибадем Систина“. Рита ја доби и оваа битка.

Денес, една година подоцна, малата хероина тежи околу шест килограми, има уреден раст и развој и, според лекарите, не заостанува значително во однос на своите врсници родени во термин. Нејзината насмевка, веселост и разиграност денес се најубавата потврда за патот што го помина.

„Рита е родена екстремно предвреме, со тежина од само 610 грама, во 24. гестациска недела, што ја прави најмалото и најнезрелото дете родено во нашата болница, но и едно од најмалите преживеани предвремено родени деца кај нас и во регионот. Во текот на 96-дневниот престој на Одделот за неонатална интензивна нега се соочи со голем број здравствени проблеми и предизвици. Благодарение на нејзината борбеност и огромната желба за живот, но и на посветеноста, стручноста и пожртвуваноста на целиот медицински персонал, таа успешно ги надмина“, вели прим. д-р мед. науки Душко Фидановски, специјалист по педијатрија, кој се грижеше за Рита од нејзиниот прв ден.

Тој додава дека радоста е уште поголема денес, кога резултатите од нивната заедничка борба се гледаат во едно здраво и весело дете.

„Рита сега има една година, тежи околу шест килограми и досега има уреден раст и развој. Нејзината насмевка, веселост и разиграност, како и задоволството на нејзините родители што го гледаме при редовните посети во нашата болница, се најдобар показател дека таа е здраво дете и ни даваат надеж за убава иднина. Таа беше еден од нашите најголеми стручни предизвици, а успехот во нејзиното лекување и нејзината сегашна состојба остануваат огромен мотив и инспирација во нашата секојдневна работа со најмалите пациенти“, вели д-р Фидановски.

ТИМОТ ОД NICU ЗАСЕКОГАШ ЌЕ БИДЕ ДЕЛ ОД НЕЈЗИНАТА ПРИКАЗНА

За родителите, враќањето во болницата по една година буди спомени на деновите кога секој телефонски повик, секоја информација од докторите и секој нов ден носеле и страв и надеж. Во тие први денови тие не можеле да ја земат својата ќерка дома, ниту да го имаат почетокот на родителството што го замислувале. Затоа, како што велат, докторите и медицинските сестри биле нивната најголема поддршка, а за Рита - луѓето кои деноноќно се грижеле за неа кога била најмала и најранлива. Нивната благодарност кон тимот што се борел за животот на Рита е неизмерна. Денес стравот од тие 96 дена е заменет со сосема поинакви грижи - со детска смеа, растење, нови движења, нови звуци и безброј прегратки.

ОД 96 ДЕНА БОРБА ДО 365 ДЕНА ЉУБОВ

Нејзината приказна е потсетник дека зад секоја бројка, секоја дијагноза и секоја тешка прогноза постои живот кој вреди да се бори. А Рита уште еднаш покажа дека понекогаш најмалите борци ги пишуваат најголемите приказни.

 
 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.