Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно се одржа вториот дел од стручниот состанок на тема „Нови техники во менаџмент на рани“, кој предизвика голем интерес и привлече бројни здравствени професионалци од земјата и регионот. Во рамките на состанокот беа одржани стручни предавања од специјалисти во областа на васкуларната хирургија, пластичната и реконструктивната хирургија, како и медицински сестри кои зборуваа за третманот на рани и современата медицинска нега. Овој стручен состанок претставува значајна платформа за размена на знаења, искуства и современи практики во третманот на различни типови рани.
Свои предавања одржаа:
- асс. д-р Мишел Андов, специјалист по општа хирургија и супспецијалист по васкуларна хирургија во „Аџибадем Систина“, одржа предавање на тема „EVLA и RFA – минимално инвазивни третмани за проширени вени“
- проф. д-р Боро Џонов, специјалист по општа хирургија и супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија во „Аџибадем Систина“, предаваше на тема: „Реконструкција на потколеница кај дефекти од различна етиологија“
- д-р Бисера Николовска, специјалист по општа хирургија и супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, одржа предавање на тема: „Компликации во васкуларната хирургија: пристап на пластичен хирург во менаџментот“
- Александар Вујовиќ, медицински техничар, RN-MWH, специјалист медицински техничар со LR-сертификација од Црна Гора, одржа предавање на тема „Изгореници и современ компресивен третман“
- Андреа Креци, медицинска сестра, медицински претставник на Gen Alb Farma и лиценциран експерт LR MWH од Албанија, одржа предавање на тема „Улогата на CNP-терапијата во третманот на дијабетични рани и комплексна траума“
- Андроники Бибовска, дипломирана медицинска сестра и специјалист по анестезија од Одделот за едукација и обука во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, одржа предавање на тема: „Современ пристап во превенција, проценка, третман и заздравување на декубитални улкуси“
- Оливера Михајловска, медицинска сестра од Одделот за естетска, пластична и реконструктивна хирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, одржа предавање на тема: „Терапија на рани со негативен притисок – VAC“.
Преку предавањата и дискусиите, учесниците имаа можност да се запознаат со нови пристапи, технологии и мултидисциплинарни решенија кои придонесуваат за подобра превенција, поефикасен третман и поквалитетна грижа за пациентите. Настанот уште еднаш ја потврди важноста на континуираната едукација и соработката меѓу здравствените професионалци од различни области и земји.