Докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ активно учествуваа на конгресот „Мултидисциплинарен пристап за здраво детство - наша заедничка грижа од првиот ден“, кој од 8 до 10 мај се одржа во Струга, во организација на Здружението на неонатолози и Педијатриската асоцијација за гастроентерологија, нутриција, клиничка имунологија и алергологија, со меѓународно учество.
На настанот присуствуваа повеќе од 300 врвни експерти од нашата земја, регионот и Европа, кои преку предавања и дискусии ги споделија најновите медицински сознанија и искуства од областа на педијатријата и неонатологијата. Тимот на „Аџибадем Систина“ даде значаен придонес во научната програма преку презентација на повеќе стручни теми од современата педијатриска практика.
Прим. д-р мед. науки Душко Фидановски, специјалист по педијатрија, одржа предавање на тема „Дали помалку е секогаш повеќе за недоносените“, посветено на современите пристапи во третманот и грижата за предвремено родените новороденчиња.
Д-р Радица Муратовска-Делимитова, специјалист по педијатрија, презентираше на тема „Кожата како орган кај новороденото-клиничко значење и пристапи во нега“, потенцирајќи ја важноста на правилната нега и раното препознавање на кожните состојби кај новороденчињата.
Проф. д-р Анета Демерџиева, специјалист по педијатрија, говореше на тема „Релација мајка-дете, предуслов за здраво и среќно детство-каде сме ние?“, осврнувајќи се на значењето на емоционалната поврзаност и раниот развој на детето. Во дел од презентацијата на д-р Демерџиева беше вклучена и
м-р Соња Јорданова Цацаноска, дефектолог.
Д-р Јорданка Маџоска, специјалист по педијатрија, презентираше редок и значаен клинички случај на тема „Аномално излегување на левата коронарна артерија од пулмонална артерија - ретка причина за миокарден инфаркт кај деца“.
За современите пристапи во третманот на гастроезофагеалниот рефлукс кај децата говореше
д-р Наташа Чучкова-Никчевска, специјалист по педијатрија, со предавање на тема „Современ пристап кон гастроезофагеален рефлукс и гастроезофагеална рефлуксна болест кај деца“.
Во рамките на конгресот, со постер-презентациja се претставија и
д-р Камелија Симеонова, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија, на тема „Партнерска дијада и психо-емоционалниот развој на детето“, додека
доц. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, се претстави со излагање на тема „Приказ на редок случај на Хиршпрунгова болест кај 11-месечно доенче“.
Главните теми што беа опфатени на конгресот беа болести од имунолошки аспект, гастроинтестинални и хепатолошки заболувања, исхрана на здраво и болно дете, алергологија, современа дијагностика и терапија, како и примена на персонализирана медицина и иновации во лекувањето.
Со своето учество, докторите од „Аџибадем Систина“ уште еднаш ја потврдија својата посветеност на континуирана едукација, следење на најновите медицински трендови и унапредување на здравствената грижа за најмладите пациенти.