ПЕДИЈАТРИСКИОТ ТИМ НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СО ЗНАЧАЈНИ ПРЕЗЕНТАЦИИ НА МЕЃУНАРОДЕН КОНГРЕС ЗА ЗДРАВО ДЕТСТВО

ПЕДИЈАТРИСКИОТ ТИМ НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СО ЗНАЧАЈНИ ПРЕЗЕНТАЦИИ НА МЕЃУНАРОДЕН КОНГРЕС ЗА ЗДРАВО ДЕТСТВО

20.05.2026

Докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ активно учествуваа на конгресот „Мултидисциплинарен пристап за здраво детство - наша заедничка грижа од првиот ден“, кој од 8 до 10 мај се одржа во Струга, во организација на Здружението на неонатолози и Педијатриската асоцијација за гастроентерологија, нутриција, клиничка имунологија и алергологија, со меѓународно учество.
На настанот присуствуваа повеќе од 300 врвни експерти од нашата земја, регионот и Европа, кои преку предавања и дискусии ги споделија најновите медицински сознанија и искуства од областа на педијатријата и неонатологијата. Тимот на „Аџибадем Систина“ даде значаен придонес во научната програма преку презентација на повеќе стручни теми од современата педијатриска практика.
 
Прим. д-р мед. науки Душко Фидановски, специјалист по педијатрија, одржа предавање на тема „Дали помалку е секогаш повеќе за недоносените“, посветено на современите пристапи во третманот и грижата за предвремено родените новороденчиња.
Д-р Радица Муратовска-Делимитова, специјалист по педијатрија, презентираше на тема „Кожата како орган кај новороденото-клиничко значење и пристапи во нега“, потенцирајќи ја важноста на правилната нега и раното препознавање на кожните состојби кај новороденчињата.
Проф. д-р Анета Демерџиева, специјалист по педијатрија, говореше на тема „Релација мајка-дете, предуслов за здраво и среќно детство-каде сме ние?“, осврнувајќи се на значењето на емоционалната поврзаност и раниот развој на детето. Во дел од презентацијата на д-р Демерџиева беше вклучена и м-р Соња Јорданова Цацаноска, дефектолог.
Д-р Јорданка Маџоска, специјалист по педијатрија, презентираше редок и значаен клинички случај на тема „Аномално излегување на левата коронарна артерија од пулмонална артерија - ретка причина за миокарден инфаркт кај деца“.
За современите пристапи во третманот на гастроезофагеалниот рефлукс кај децата говореше д-р Наташа Чучкова-Никчевска, специјалист по педијатрија, со предавање на тема „Современ пристап кон гастроезофагеален рефлукс и гастроезофагеална рефлуксна болест кај деца“.
Сo предавање на тема „Предности од вакцинација кај децата“ пред присутните на конгресот се престави и д-р мед. науки Александар Сајковски, специјалист по педијатрија.
Во рамките на конгресот, со постер-презентациja се претставија и д-р Камелија Симеонова, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија, на тема „Партнерска дијада и психо-емоционалниот развој на детето“, додека доц. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, се претстави со излагање на тема „Приказ на редок случај на Хиршпрунгова болест кај 11-месечно доенче“.
 
Главните теми што беа опфатени на конгресот беа болести од имунолошки аспект, гастроинтестинални и хепатолошки заболувања, исхрана на здраво и болно дете, алергологија, современа дијагностика и терапија, како и примена на персонализирана медицина и иновации во лекувањето.
Со своето учество, докторите од „Аџибадем Систина“ уште еднаш ја потврдија својата посветеност на континуирана едукација, следење на најновите медицински трендови и унапредување на здравствената грижа за најмладите пациенти. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.