Викендов во Струга се одржа 4. Меѓународен конгрес на медицински сестри, во организација на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија (ЗМСТАС), предводено од ЗМСТАС „За нас“. Овогодишното мото на конгресот беше: „Со образование до влијание – медицинските сестри како двигатели на промени“, нагласувајќи ги важноста на континуираното професионално усовршување и улогата на медицинските сестри како лидери и носители на позитивни промени во здравствениот систем и општеството.
Во рамки на конгресот се одржа и Регионалната конференција на Европската организација на специјализирани медицински сестри (ЕСНО), што претставува уште едно признание за значењето и квалитетот на овој настан.
Активно учество на конгресот зедоа и медицинските сестри од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кои со свои предавања придонесоа за споделување на знаење и искуства. Маја Атанасовска, специјалист по интензивна нега, предаваше на тема: „Медицинските сестри – двигатели на промени, со образование до влијание“, Маја Ацеска, специјалист инструментарка, на тема: „Проширување на аортен корен при замена на аортна валвула“ и Дана Поптрандова и Силвија Ќерамитчиева, дипломирани медицински сестри, обработија заедничка тема: „Со квалитетно образование до влијание“.
За својата поддршка и активно учество, „Аџибадем Систина“ доби благодарница, што претставува уште една потврда за посветеноста, професионалноста и квалитетот на нашиот тим.
Конгресот претставува значаен меѓународен настан кој овозможува размена на знаења, искуства и примери на добра практика меѓу медицински сестри, техничари и акушерки од земјата и регионот, заеднички придонесувајќи за унапредување на здравствената нега и професионалниот развој.