По повод одбележувањето на Неделата на егземот, во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, се одржа стручен состанок посветен на атопискиот дерматит. Настанот беше организиран во координација со GA²LEN мрежата и GAAPP (Global Allergy and Airways Patient Platform).
На состанокот свое предавање на тема: „Психодерматологија во пракса: Психолошки аспекти и предизвици кај пациенти со атописки дерматит“ имаше м-р Ивана Хаџиванова, психолог и психотерапевт од Неокортекс – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, како и надворешен соработник во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
„Психолошкиот стрес може да влијае врз влошување на клиничката слика на атопискиот дерматит, а видливите симптоми и кожни промени предизвикуваат дополнителен психолошки стрес кај пациентите. Мултидисциплинарниот пристап и интегрираната психодерматолошка грижа водат до побрзо заздравување, подобра усогласеност со третманот и повисок квалитет на живот кај пациентите со кожни заболувања“ - изјави м-р Ивана Хаџиванова.
Настанот беше модериран од проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматологија од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и претседател на Здружението на дерматовенеролози на Македонија.
Целта на овој стручeн собир беше да се подигне свеста за атопискиот дерматит и заеднички да се придонесе кон подобрување на квалитетот на живот кај пациентите што живеат со ова хронично кожно заболување.