ПРВИ ЧЕКОРИ КОН РАЗВОЈОТ: УСПЕШНО ОДРЖАНА ПРВАТА ГРУПНА РАБОТИЛНИЦА ЗА БЕБИЊА
Во пријатна и релаксирана атмосфера, мајките и нивните бебиња имаа можност да научат корисни техники и совети од областа на детската физикална терапија на првата работилница, која се одржа на Одделот за педијатрија во „Аџибадем Систина“. Работилницата со практични демонстрации и вежби беше посветена на темата: „Позиција на стомаче и вртење – први чекори кон моторна независност“. Посебен акцент беше ставен на важноста на позицијата на стомаче како основа за понатамошен здрав развој, особено кај бебињата, кои покажуваат отпор или плач при поставување во оваа положба. Родителите добија јасни насоки и практични решенија како да го поддржат своето бебе – со љубов, знаење и сигурност. Дополнително, беа обработени следниве теми:
- Безбедност и правилно позиционирање на бебето во текот на денот
- Игри и вежби за зајакнување на мускулатурата и поттикнување на вртењето
- Како да го поставиме бебето на стомаче, а тоа да не плачe
- Совети кога и како да се започне со вежби, без ризик од престимулација.
Настанот беше наменет за бебиња на возраст од 2 до 6 месеци, со цел индивидуален пристап и можност за поставување прашања од страна на родителите. Работилницата ја водеше м-р Дијана Мариновска, магистер по физикална терапија во педијатрија, со долгогодишно искуство во работа со доенчиња и нивниот моторен развој. Сите присутни добија внимателно подготвени подароци од пријателите на "Acibadem Sistina Baby", а родителите ја искористија можноста да разменат искуства и да стекнат нови познанства. Поддржете го развојот на вашето бебе уште од најрана возраст – со сигурни чекори, стручна поддршка и грижа во „Аџибадем Систина“.
Многу наскоро ќе ја најавиме и следната работилница, затоа следете нè и пријавете се навреме – бројот на места е ограничен!