Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и оваа година, десетти пат по ред, ја спроведе акцијата по повод месецот мај, посветен на подигнување на свеста кај пациентите за рано откривање на рак на кожата, меланом. Во рамки на иницијативата, болницата обезбеди 200 бесплатни прегледи на бенки, со цел навремена дијагноза и превенција. Прегледите беа спроведени од искусен тим дерматовенеролози, користејќи најсовремена технологија – дигитален дерматоскоп Mole Max HD.
Проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија, истакнува дека е особено горд на сè поголемиот интерес на пациентите за бесплатните дермоскопски прегледи во клиничката болница „Аџибадем Систина“. Според него, позитивниот одѕив директно придонесува за зголемување на свеста за редовни дермоскопски контроли.
„Дермоскопијата претставува златен стандард во раното откривање на меланомот. Оваа современа технологија овозможува детален и прецизен преглед на кожата, со брзо мапирање во full HD-резолуција, анализа и прецизно лоцирање на промените, како и дигитално чување на снимките. Нашата препорака е дермоскопските контроли да се прават еднаш годишно, започнувајќи од десетгодишна возраст, без разлика колку бенки има некој на телото. Кај лицата со поголем број бенки, овие прегледи се задолжителни“, вели проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија.

Акцијата, која во нашата болница успешно се реализира веќе десет години, има јасна цел – навремено откривање на кожни промени и обезбедување соодветен третман пред да се развие болеста. Проф. д-р Петров нагласува дека раната детекција на меланомот е клучна за успешно лекување. Дополнително, тој им порачува на сите пациенти дека заштитата од сонце е задолжителна: користење креми со заштитен фактор SPF 30 или повисок, кои штитат од УВА и УВБ зрачење, како и носење светла облека, капи и очила за сонце. Според Светската здравствена организација, штетните сончеви зраци се докажана причина за појава на карциномите на кожа.