Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на Одделот за детска хирургија се изведува широк спектар на интервенции во детската возраст – општа хирургија, абдоминална хирургија, неонатална (новороденечка) хирургија, урологија, онколошка хирургија, трауматологија, торакална хирургија, пластична хирургија и минимална инвазивна хирургија. Доц. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, вели дека најчести проблеми во детската возраст кои бараат хируршка интервенција се кила (хернија) и неспуштени тестиси, а од акутните состојби, воспаление на слепо црево.
Од почетокот на ноември „Аџибадем Систина“ нуди до 30% намалување на цените на четири најчести хируршки операции во детска возраст како: хипоспадија, неспуштен тестис, хернија и циркумцизија.
„Во нашата болница овој тип операции се рутински интервенции. Предноста на нашата болница е што пациентите имаат можност во еден ден да направат комплетна дијагностика, што овозможува за кратко време да се подготват и операцијата да се направи во најбрз временски период“, вели д-р Симеонов.
Хипоспадија е една од најчестите вродени аномалии на урогениталниот систем кај машките деца, со инциденца од 1 на 125 машки деца. Кај овие деца отворот на уринарниот канал (уретра) се развива абнормално, односно под врвот на пенисот па сè до скротумот. Оваа состојба се лекува хируршки меѓу 12 и 18-месечна возраст.
Вродените хернии се една од најчестите хируршки интервенции во детската возраст. Постојат повеќе видови хернии, но најчесто се јавува ингвиналната хернија (препонска). Постојат и умбиликални и супраумбиликални хернии (папочни и натпапочни). Вродените хернии се резултат на тоа што не настанало затворање на ингвиналниот прстен, кој обично се затвора пред раѓањето на детето. Статистички е почеста појава кај машките деца и предвремено родените деца. Хернијата се лекува хируршки и најдобро е овој оперативен зафат да се направи помеѓу третиот и шестиот месец, бидејќи ако се вклешти, таа е животозагрозувачка.
Се работи за честа вродена аномалија кај машите деца кога има отсуство на тестис во скроталното ќесе. Тоа значи дека тестисот не е во скроталното ќесе, во кожичката под пенисот, туку е некаде во ингвиналниот канал. Најпрво тестисот треба да се најде и да се врати во скроталното ќесе, а доколку нема тестис, се прави експлорација на ингвиналниот канал за да се процени дали има остаток од некакво тестикуларно ткиво и ако тоа е неквалитетно, се отстранува. Најидеална возраст за операција е помеѓу шестиот месец и првата година, а најдоцна до втората година.
Циркумцизија (обрежување) претставува делумно или целосно отстранување на кожичката на пенисот и е една од најчестите интервенции кај машката популација.
Оваа интервенција се изведува за третирање на медицински состојби, како што се фимоза и парафимоза, а во поново време и поради хигиенски и естетски причини. Исто така, во многу земји од светот таа се изведува и од религиозни причини.
Copyright © 2024 Developed by Unet All rights reserved.