„Кога животот од една страна ни ја додели најубавата и најголема улога да станеме родители, од друга страна, ни зададе таков удар да сфатиме колку е тој вреден да се живее. Само еден миг може да смени сė. Една редовна контрола заврши со информација дека бременоста мора да се заврши и во најскоро време мора да ме породат. На 1 септември, во 29. недела од бременоста, со итен царски рез на свет дојде нашата Бисера. Измешани чувства на страв, неизвесност, солзи, но истовремено и радост и среќа беа наши придружници цели 29 недели поради мојата високоризична бременост. Но тука не беше крајот. Нашата агонија и секојдневните предизвици продолжија, уште долги 51 ден. Се роди со само 950 грама и должина од 33 сантиметри. Ја видов за миг и веднаш ја однесоа на неонатална интензивна нега кај другите мали, но најхрабри борци и херои. Зелените мантили, црева, кабли и звуци од машините беа нашето секојдневје. Вратата од неонатална интензивна стана нашата омилена врата во болницата. Таму беше нашата душа, нашата љубов, нашето единствено богатство, нашата Бисера. Во сите тие тешки моменти, зад нас стоеше цела армија од доктори и сестри. Со убав збор и насмевка, секојдневно ни даваа надеж и нė охрабруваа дека сė ќе биде во ред. Но, колку и да се трудиш да бидеш храбар, денот кога си заминуваш со празни раце, а твоето предвреме родено бебе останува да се бори за живот во инкубатор, те распарчува. Но како што поминуваат деновите, сфаќаш дека за твоето бебе се грижат вистински професионалци кои секоја твоја солза ја претвораат во насмевка. Затоа сакаме да се заблагодариме на доц. д-р Корнелија Трајкова, која ја водеше мојата високоризична бременост, ме охрабруваше и ми влеваше надеж цели 7 месеци. Ви благодарам докторка, од сė срце, што лавовски се вложивте на свет да дојде мојата Бисера. Исто така, сакам да се заблагодарам и на д-р Радица Муратовска која успешно ја водеше цели 51 ден и беше достапна за информации во секое време. Благодарност и до другите доктори и медицински сестри од неонатална интензивна нега кои безрезервно се залагаа и се бореа заедно со нашата Бисера. Им благодариме за секој охрабрувачки збор и насмевка кога ни беше најтешко. За секоја влеана надеж дека ќе дојде денот кога ќе си заминеме заедно сите дома. Тоа што го ветија, тие го исполнија. Дојде и тој ден сите заедно како семејство да си заминеме дома. Сега останува да се гушкаме со нашиот мал, но голем борец и заедно да продолжиме да чекориме низ животот. Ви благодариме ‘Аџибадем Систина’ што го имате најдобриот тим на Одделот за гинекологија и неонатална интензивна нега. Вие сте нашето второ семејство“ – сподели мама Андријана Илиевска.
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.