Висока турска делегација, предводена од сопругата на претседателот на Владата на Р Турција, г-ѓа Саре Давутоглу, денеска ја посети Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Десетчлената делегација од Р Турција, преку обиколка на болницата, имаше можност да се запознае со работата, условите и можностите на одделите и центрите во „Аџибадем Систина“.
Г-ѓа Давутоглу го сподели со менаџментот на болницата своето задоволство од целата посета и од функционирањето на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Таа додаде дека партнерството со Здравствената групација „Аџибадем“ е пример за две пријателски земји што имаат одлична соработка во секоја сфера на општественото живеење, вклучувајќи го и здравството. Ја поздрави инвестицијата на „Аџибадем“ во Македонија и се заложи за проширување на оваа соработка.
Во текот на посетата на Болницата г-ѓа Давутоглу го поздрави и пациентите, на кои им посака побрзо оздравување. Оствари средба и со врвниот тим специјалисти. Високата гостинка од Р Турција посебен интерес покажа за Одделот за гинекологија и ИВФ.
Со докторите од Одделот за ИВФ го сподели своето воодушевување од бројот и успехот на ИВФ циклуси кои досега се направени. Според неа, ова е импресивна бројка и доказ за успешна работа. Г-ѓа Давутоглу додаде дека како жена и гинеколог кој се залага за спонтаните породувања наспроти породувањата со царски рез ги подржува докторите од „Аџибадем Систина“ во нивната заложба да се одбере спонтаното породување секогаш кога е возможно.
Во текот на посетата г-ѓа Давутоглу разговараше и со докторите од Центарот за онкологија и радиотерапија и ја даде својата поддршка во заложбите на специјалистите и на целиот менаџмент на болницата да продолжат во напорите да го овозможат најдоброто лекување за пациентите со карцином. Со нив го сподели и своето воодушевување од технологијата која ја поседува болницата на Одделот за онкологија и радиотерапија.
За време на посетата г-ѓа Давутоглу беше придржувана со д-р Јана Марин, член на одборот на директори во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и менаџментот на болницата, кои ја споделија приказната и развојот на „Аџибадем Систина“, која прерасна во здравствен лидер во регионот.