На 6 и 7 ноември 2026 година, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, се одржа дводневна стручна работилница: „Алергија на храна и анафилаксија во педијатриската практика“, организирана од Македонското педијатриско респираторно здружение, во соработка со Европската академија за алергологија и клиничка имунологија (EAACI).
Настанот обедини истакнати домашни и меѓународни експерти од областа на педијатриската алергологија и имунологија, овозможувајќи размена на научни сознанија, споделување стручни искуства и дискусија за современите пристапи во дијагностицирањето, третманот и превенцијата на алергиите на храна и анафилаксијата кај децата.
На работилницата учествуваа и педијатрите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ –
д-р Катерина Обочки, специјалист педијатар-пулмолог, која ја презентираше темата: „Од алергија на храна што не е посредувана од IgE до астма – дали постои поврзаност?“ посветена на можната поврзаност меѓу не-IgE посредуваната алергија на храна и астмата, како и
д-р Наташа Чучкова - Никчевска, педијатар, која одржа предавање на тема „FPIAP – дијагноза и третман“, фокусирајќи се на дијагностицирањето и третманот на алергискиот проктоколитис предизвикан од протеини од храна кај доенчиња.
Настанот, кој првпат се организира во Македонија, претставува значаен чекор во унапредувањето на стручната едукација и размената на меѓународни искуства во областа на педијатриската алергологија и имунологија, со посебен фокус на современите пристапи во препознавањето, дијагностицирањето и третманот на алергиите на храна и анафилаксијата кај децата.
Учеството на нашите педијатри на вакви стручни настани е можност за континуирано надградување на знаењата, размена на искуства со меѓународни експерти и следење на современите достигнувања во областа на детското здравје.