Доктори од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ учествуваа на 5. Национален конгрес по оториноларингологија и хирургија на глава и врат со меѓународно учество, кој на едно место обедини водечки домашни и светски експерти од областа на оториноларингологијата, отологијата, ринологијата, ринопластиката, хирургијата на глава и врат и ендоскопската хирургија на базата на черепот. Конгресот имаше мултидисциплинарен карактер и беше посветен на размена на стручни искуства, унапредување на медицинските знаења и претставување на најновите достигнувања и современите хируршки техники. Научната програма опфати пленарни предавања, интерактивни дискусии, тркалезни маси и презентации на комплексни клинички случаи.
Проф. д-р Боро Џонов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, одржа предавање на тема „Лицето како основа за естетски зафати“, со посебен осврт на лифтингот на лицето, реконструктивната хирургија, блефаропластиката и примената на пиезо-техниката при риносептопластика.
Д-р Тијана Јорданова, доктор по општа медицина и специјализант по оториноларингологија, учествуваше со две стручни теми: „Редок случај на изолиран назален неврофибром“ и „Постоперативна исхрана, ризик од крварење и нутритивна поддршка по тонзилектомија: анализа на литературата“.

Со свои научни апстракти учествуваа и:
Д-р Македонка Гарванлиева Николова, специјалист по оториноларингологија, со темите: „Невроендокрин тумор во средното уво – повеќе од обичен ушен полип“, „Тератом на средното уво: ретка причина за повторувачка отореја кај педијатриски пациент“ и „Малигнен отитис екстерна: наши искуства, дијагностички предизвици и терапевтски исходи“.
Д-р Александар Лазаревски, специјалист по оториноларингологија, со темата „Хирургија на базата на черепот: од едноставни селарни лезии до пристап кон комплексни анатомски коридори“.
Доц. д-р Миленко Костов, специјалист по неврохирургија, со темата „Невронавигација во хирургијата на базата на черепот: зголемување на хируршката безбедност и прецизност“.
Учеството на докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на овој значаен научен собир претставува уште една потврда за нивната посветеност на континуираната медицинска едукација, научноистражувачката работа и примената на современи дијагностички и хируршки методи. Преку активна размена на знаења и искуства со меѓународни експерти, болницата продолжува да придонесува за развојот на медицинската практика и унапредувањето на квалитетот на здравствената грижа за пациентите.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.