ИЗВРШЕНИ УШТЕ ТРИ РОБОТСКИ АСИСТИРАНИ ОПЕРАЦИИ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

ИЗВРШЕНИ УШТЕ ТРИ РОБОТСКИ АСИСТИРАНИ ОПЕРАЦИИ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

04.11.2026

 Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ успешно беа изведени уште три роботски асистирани хируршки интервенции од областа на урологијата и гинекологијата, со примена на современиот роботски систем MedBot Toumai®. Со овие интервенции, болницата продолжува да ја развива и унапредува роботски асистираната хирургија, овозможувајќи им на пациентите пристап до најсовремени минимално инвазивни хируршки техники.

Првата интервенција беше роботски асистирана радикална простатектомија, изведена кај 61-годишен пациент, при што беше отстранета простатата. Интервенцијата ја изведе уролошки тим предводен од проф. д-р Сотир Ставридис, специјалист по урологија, со целосна поддршка од д-р Владимир Лозановски, специјалист по урологија, анестезиологот д-р Азра Куч, како и од тим медицински сестри, техничари и болничари.

Втората роботски асистирана интервенција беше изведена кај 42-годишна пациентка. Станува збор за роботски асистирана лапароскопска хистеректомија со билатерална салпингектомија, односно отстранување на матката и двата јајцевода. Интервенцијата ја изведе д-р Јосиф Ѓорески, специјалист по гинекологија и акушерство, со поддршка од д-р Владимир Лозановски, специјалист по урологија, д-р Милица Каламарас, специјалист по гинекологија и акушерство и прим. д-р Снежана Поповска, специјалист по анестезиологија со реаниматологија, како и од тим медицински сестри, техничари и болничари.

Третата интервенција беше роботски асистирана радикална простатектомија, изведена кај 68-годишен пациент, при што беше отстранета простатата. Операцијата успешно ја изведе уролошки тим предводен од д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија, со поддршка од специјалистите по урологија проф. д-р Сотир Ставридис и д-р Владимир Лозановски,  анестезиологот прим. д-р Снежана Поповска, специјалист по анестезиологија со реаниматологија, како и од тим медицински сестри, техничари и болничари.

Со современиот роботски систем MedBot Toumai®, „Аџибадем Систина“ е единствен центар за роботска хирургија од ваков тип во Македонија, Косово и Албанија. Оваа технологија овозможува поголема хируршка прецизност, помали оперативни резови, побрзо закрепнување и пократок болнички престој. Болницата продолжува со развојот на роботската хирургија и проширувањето на нејзината примена во други хируршки области.

 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.