ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИ НА НАЈУСПЕШНИТЕ УЧЕНИЦИ ОД СМУГС „ПАНЧЕ КАРАЃОЗОВ“ ВО РАМКИ НА ПРОЕКТОТ „НАМАЛИ РИЗИК, ЗГОЛЕМИ БЕЗБЕДНОСТ“

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИ НА НАЈУСПЕШНИТЕ УЧЕНИЦИ ОД СМУГС „ПАНЧЕ КАРАЃОЗОВ“ ВО РАМКИ НА ПРОЕКТОТ „НАМАЛИ РИЗИК, ЗГОЛЕМИ БЕЗБЕДНОСТ“

02.11.2026

 По повод светскиот ден на мозочното здравје, во рамки на заедничкиот едукативен проект „Намали ризик, зголеми безбедност“, реализиран во соработка со СМУГС ,,Панче Караѓозов”, беа доделени награди за најуспешните ученици, кои покажаа особено знаење и посветеност во текот на проектните активности.

Проектот го реализираше Андроники Бибовска, медицинска сестра и техничар за едукации и обуки, преку практични и едукативни активности во симулирана болничка соба. Учениците имаа задача да ги согледаат неправилностите и пропустите во грижата за пациентот, да ги препознаат потенцијалните ризици и да предложат соодветни решенија за нивно спречување, со цел унапредување на безбедноста на пациентите и квалитетот на здравствената грижа.

На настанот присуствуваше и д-р Марија Гашоска, специјалист по неврологија, која ги поздрави учениците и им упати охрабрувачки пораки, посакувајќи им многу успех во понатамошното образование и градењето на нивната идна професионална кариера.

Посебен придонес во одбележувањето дадоа и самите ученици, кои одржаа едукативно предавање за мозочниот удар, споделувајќи ги стекнатото знаење и подготвеноста да ја пренесат пораката за превенција и навремена реакција. Во практичниот дел, учениците заедно со Влатко Илиески, специјалист дипломиран физиотерапевт, демонстрираа вежби и техники за рехабилитација на пациенти по мозочен удар, при што се запознаа со значењето на физикалната терапија во процесот на закрепнување и враќање на функционалноста.

Со овој проект се нагласува важноста на континуираната едукација и практичната обука на медицинските сестри за навремено препознавање на ризиците, правилна реакција и соодветна грижа за пациентите. Преку ваквите активности, учениците имаат можност да го надградат своето знаење, да стекнат практични вештини и да бидат подобро подготвени за предизвиците со кои ќе се соочат во својата професионална работа.

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.