Клиничката болница „Аџибадем Систина“ втора година по ред е добитник на престижното признание „Бизнис лидер 2026“ во категоријата „Дејности на болниците“, со што уште еднаш ја потврди својата водечка позиција во здравствениот сектор и успешноста во континуираниот развој, инвестициите и унапредувањето на здравствените услуги.
Признанието беше доделено на третото издание на престижниот бизнис-настан „Бизнис лидер 2026“, кој се одржа во Македонската филхармонија, во присуство на претставници од најуспешните компании, деловни лидери и носители на значајни економски одлуки во земјата.
Наградата во име на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја прими м-р доктор Севим Шуекинџи, главен извршен директор на болницата, кој истакна дека континуираниот успех е резултат на јасна визија, стратешки вложувања и пред сè, посветеноста на медицинскиот и административниот тим.
„Да се биде препознаен како лидер втора година по ред е голема чест, но и обврска да продолжиме да ги поместуваме границите во здравствената заштита. Нашата најголема вредност се луѓето - тимот кој со знаење, професионалност и посветеност секојдневно ја оправдува довербата на пациентите. Ова признание е дополнителен мотив да продолжиме со инвестиции во современи технологии, нови медицински достигнувања и услуги што прават вистинска разлика во животот на пациентите“, истакна д-р Шуекинџи.
Свое учество на свечената церемонија имаше и Валентина Димовска, заменик извршен директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, која додели признанија на неколку од наградените компании.
„Бизнис лидер 2026“ претставува значајна платформа за афирмација на деловната успешност, размена на искуства и создавање нови партнерства. Настанот обедини економски анализи, панел-дискусии и свечено доделување признанија во повеќе категории, меѓу кои: бонитетно најуспешни компании, најбрзорастечки компании, успешни компании по индустрии и градови, како и жени лидери.
Изборот на добитниците се темели врз објективни економски показатели и јасно утврдени критериуми, кои ги опфаќаат приходите, профитабилноста, растот, бројот на вработени и финансиската стабилност. Анализите и рангирањето ги спроведува „Бизнис мрежа“, платформа за деловна интелигенција на бонитетната агенција „Таргет груп“.
Со повторното освојување на титулата „Бизнис лидер“, „Аџибадем Систина“ ја зацврстува својата позиција меѓу најуспешните компании во Македонија, докажувајќи дека долгорочниот успех се гради преку иновации, професионална извонредност и континуирана посветеност на пациентите.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.