Доц. д-р Александар Ѓорески, специјалист по радиологија и супспецијалист по интервентна радиологија, зеде учество на CIRSE 2026, кој се одржа од 5 до 9 септември во Копенхаген, Данска.
Како поканет предавач, д-р Ѓорески ја презентираше темата: „Развојот на интервентната радиологија во Југоисточна Европа“, со осврт на развојот на оваа медицинска дисциплина во регионот, нејзините достигнувања, предизвици и идни перспективи.
Д-р Ѓорески е еден од лидерите на интервентната радиологија во Македонија, активен член на CIRSE, основоположник на Македонското здружение и член на Tasc Force групата на CIRSE, која е посветена на развојот и унапредувањето на интервентната радиологија во Југоисточна Европа. Неговото учество како поканет предавач на овој значаен меѓународен конгрес претставува признание за неговата стручност и активниот придонес во развојот на интервентната радиологија, како во земјата, така и во регионот.
На овој конгрес се дискутираше за најновите достигнувања во интервентната радиологија и минимално инвазивните процедури со посебен фокус на современиот третман на васкуларни заболувања, аневризми, онколошки заболувања, емболизација, невроинтервенции и комплексни неваскуларни процедури. Беа презентирани и најновите научни сознанија, технологии и техники, со цел подобрување на прецизноста, безбедноста и резултатите од третманот.
Учеството на повеќе од 7000 здравствени професионалци од целиот свет го потврди значењето на CIRSE 2026 како еден од водечките светски собири во областа на интервентната радиологија. Конгресот беше значајна платформа за размена на знаења и искуства, презентирање на најновите научни достигнувања и унапредување на современите минимално инвазивни пристапи.