Аџибадем Систина

ПРОФ. Д-Р ОЛИВЕР КАРАНФИЛСКИ СО СТРУЧНИ ПРЕЗЕНТАЦИИ НА ДВА ЗНАЧАЈНИ МЕЃУНАРОДНИ ХЕМАТОЛОШКИ НАСТАНИ

05.08.2026

Проф. д-р Оливер Каранфилски, специјалист по интерна медицина и супспецијалист по хематологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, учествуваше со свои стручни презентации на два значајни меѓународни настани посветени на современите пристапи во лекувањето на хематолошките заболувања.

На тркалезната маса за европската политика на ECLLA 2026, насловена „Насоки кон еднаква грижа за пациентите со хронична лимфоцитна леукемија во Европа“, одржана на 9 мај 2026 година во Даблин, Ирска, проф. д-р Каранфилски се осврна на клучните предизвици во грижата и лекувањето на пациентите со хронична лимфоцитна леукемија. Во својата презентација тој посвети особено внимание на достапноста на современите терапии преку клинички студии и националните системи за рефундација, како и на влијанието на финансиските можности, здравствените политики и развиеноста на дијагностичките капацитети врз изборот на терапијата.

 

Беа претставени и актуелните терапевтски пристапи, вклучувајќи ги BTK-инхибиторите, комбинациите базирани врз венетоклакс, моноклоналните антитела, како и новите клеточни и таргетирани терапии. Особено беше истакната важноста на генетската и молекуларната проценка на ризикот, следењето на минималната резидуална болест и индивидуализирањето на третманот според општата состојба, придружните заболувања и толеранцијата на пациентот кон терапијата.

Подоцна истиот месец, проф. д-р Каранфилски учествуваше како предавач и на Петтиот симпозиум на Здружението на хематолози на Република Српска со меѓународно учество, одржан на Јахорина од 28 до 31 мај, каде што беше и член на научниот одбор. Во рамките на сесијата посветена на Хочкиновиот лимфом, тој одржа предавање на тема „Актуелни препораки за лекување на Хочкиновиот лимфом“.

Во своето излагање ги претстави современите терапевтски пристапи кај пациентите со ран поволен, ран неповолен и напреднат стадиум на болеста, со посебен осврт на изборот и приспособувањето на терапијата според клиничкиот стадиум и одговорот проценет со FDG-PET/CT. Беа разгледани комбинираната примена на хемотерапија и радиотерапија, како и поновите режими што вклучуваат имунотерапија и таргетирани лекови. Програмата опфати и теми поврзани со квалитетот на живот кај пациентите, лекувањето на повозрасните лица и следењето на минималната резидуална болест.

 

Со своето учество на двата меѓународни настани, проф. д-р Оливер Каранфилски придонесе за размената на најновите научни сознанија и клинички искуства, како и за унапредувањето на современото, индивидуализирано и подостапно лекување на пациентите со хематолошки заболувања.

 
 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.