Аџибадем Систина

ЕКСПЕРТИТЕ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ГОВОРЕА ЗА СОВРЕМЕНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ НА ЖЕНСКОТО ЗДРАВЈЕ

20.05.2026

Во организација на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, под мотото „Твоето здравје, твојата сила“, петта година по ред се одбележа Неделата на женско здравје, која се одржа од 11 до 17 мај.

Настанот и оваа година беше реализиран преку дебатни сесии посветени на најновите стручни сознанија, проследени со отворени дискусии со учесниците.

Симпозиумот обедини голем број еминентни специјалисти од областа на гинекологијата и акушерството, со цел унапредување на грижата за женското здравје и размена на најновите медицински искуства и практики.

Активно учество земаа и гинеколозите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кои одржаа стручни предавања на повеќе актуелни теми.

М-р д-р Александар Бојаџиев, специјалист по гинекологија и акушерство, одржа предавање на тема „PMOS/PCOS без маска: репродуктивно или метаболно заболување?“, отворајќи дискусија за современиот пристап во дијагностицирањето и третманот на синдромот на полицистични јајници, со акцент на неговите репродуктивни и метаболни импликации.

Во рамки на сесијата „Хронични уринарни тегоби во перименопауза“, модерирана од д-р Бобан Сарџовски, специјалист по гинекологија и акушерство, се дискутираше за честите уринарни симптоми кај жените во перименопаузалниот период, нивната етиологија и современите можности за третман.

Дополнително, во рамки на темата „Перименопауза: повеќе од хормони“, модерирана од проф. д-р Глигор Димитров, специјалист по гинекологија и акушерство, акцентот беше ставен на сеопфатниот пристап кон здравјето на жената во овој чувствителен животен период. Покрај хормоналниот аспект, беа опфатени и психолошките, метаболните и кардиоваскуларните предизвици со кои се соочуваат жените.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ беше еден од главните поддржувачи на симпозиумот, потврдувајќи ја својата континуирана заложба за унапредување на стручното знаење, поддршка на медицинската едукација и подигнување на јавната свест за важноста на превенцијата и редовните гинеколошки прегледи.

Овој традиционален настан претставува значајна платформа за размена на искуства, стручни дискусии и отворање актуелни теми од областа на гинекологијата и акушерството, со заедничка цел - подобрување на квалитетот на здравствената грижа за жените. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.