Во просториите на Клиничката болница ,,Аџибадем Систина” се одржа стручен состанок во организација на болницата и Здружението на дерматовенеролози на Македонија.
Состанокот го отвори
д-р Андреј Петров, специјалист и редовен професор по дерматовенерологија, кој го презентираше Одделот за дерматовенерологија. Тој ги истакна современите дијагностички и терапевтски можности, широкиот спектар на услуги, како и врвната технологија со која располага одделот. Со искусни специјалисти, одделот обезбедува точна дијагноза, ефикасен третман и континуирана поддршка на пациентите.
Потоа следуваше предавање на
д-р Камелија Симеонова, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија, која зборуваше за улогата и предизвиците во работата со деца и нивните родители. Таа ја нагласи важноста на мултидисциплинарниот пристап и континуираната едукација, посочувајќи дека одделението активно организира едукативни активности со цел зајакнување и унапредување на менталното здравје кај младите. Воедно, ја истакна и поврзаноста меѓу кожата и мозокот, нагласувајќи дека тие имаат заедничка биолошка основа уште од раниот развој.
На крајот од состанокот, предавање одржа проф. д-р Мохамед Џаферани, професор по психодерматологија и психијатрија на Централниот универзитет во Мичиген, САД и претседател на Асоцијацијата за психокутана медицина на Северна Америка, на тема „Психодерматологија“.
Во своето излагање, проф. Џаферани навлезе во оваа сè позначајна медицинска област, објаснувајќи ја сложената и двонасочна врска помеѓу кожата и менталното здравје. Тој истакна дека бројни дерматолошки состојби не можат целосно да се разберат и третираат без да се земе предвид психолошкиот аспект, при што стресот, анксиозноста и депресијата имаат значајно влијание врз нивниот тек.