Аџибадем Систина

УЧЕНИЦИТЕ ОД СМУГС „Д-Р ПАНЧЕ КАРАЃОЗОВ“ И НИВНИТЕ ГОСТИ ОД ШВЕДСКА ВО ЕДУКАТИВНА ПОСЕТА НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

26.03.2026

Учениците од СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, заедно со своите гости од “Curt Nicolin Gymnasiet” од Финспанг, остварија едукативна посета на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, како дел од нивната соработка преку Еразмус+ програмата.

Групата беше предводена од Андроники Бибовска, медицинска сестра и техничар за едукации и обуки и Магдалена Митевска, главна сестра на Одделот за интензивна нега, кои им овозможија на учениците непосредно да се запознаат со функционирањето на една современа приватна здравствена установа.

За време на посетата, учениците имаа можност одблиску да ги видат организацијата на работата, современите капацитети и напредната медицинска технологија, како и професионалниот пристап на медицинскиот персонал. Посебен акцент беше ставен на примената на најновите протоколи во лекувањето и грижата за пациентите.

Идните медицински сестри и акушерки ги посетија ургентниот центар за возрасни, хируршкиот стационар, стационарот за гинекологија и акушерство, Одделот за дерматовенерологија, Одделот за општа интензивна нега, како и собата за симулација, каде што се реализира практична обука за медицинските сестри и техничари.

На самиот крај од посетата, на учениците и нивните професори им се обрати медицинскиот директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, д-р Емилија Мирчевска, која изрази искрена благодарност за покажаниот интерес и воспоставената соработка. Таа потенцираше дека болницата и во иднина останува отворена за поддршка и заеднички активности, со цел поттикнување и развој на квалитетни идни здравствени кадри.

Оваа посета претставува значаен чекор во нивното професионално усовршување, овозможувајќи им да го поврзат теоретското знаење со практичната работа и да стекнат нови искуства во реална клиничка средина.

На средбата беше договорено во иднина да се реализира заеднички проект со учениците од СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, што дополнително ќе ја зајакне соработката и ќе отвори нови можности за размена на знаења и искуства. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.