Кардиолошкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за еден ден успешно реализираше пет TAVI-интервенции кај пациенти со тешка аортна стеноза, применувајќи современ, минимално инвазивен пристап. Станува збор за сложени интервенции кои се изведени со целосна покриеност од Фондот за здравствено осигурување, при што пациентите претходно биле вклучени на официјалната листа за чекање.
Процедурите беа реализирани од искусен тим интервентни кардиолози составен од: д-р мед. науки Жарко Христовски, прим. м-р доктор Слободан Антов, д-р мед. науки Игор Балевски и д-р Димитар Душкоски, д-р Никола Лазовски, д-р Златана Петковска, д-р Александар Радоешки и поддршка на целокупниот кардиолошки тим, кардиоанестезиолозите од Одделот за кардиохирургија и специјализираниот сестрински кадар од Одделот за кардиологија.
„Овие резултати се потврда за високата стручност и подготвеност на нашиот кардиолошки тим да се справи и со најсложените предизвици. Благодарни сме и на Фондот за здравствено осигурување што им овозможи на пациентите пристап до оваа напредна интервенција без финансиски трошоци, во услови на врвна медицинска инфраструктура. За нас, ова претставува уште една можност да им обезбедиме поквалитетен и подолг живот на пациентите кои имаат потреба од ваков третман“, истакна д-р мед. науки Жарко Христовски, интервентен кардиолог во „Аџибадем Систина“.
Одлуката за примена на TAVI-процедурата кај пациентите беше донесена од страна на болничкиот Heart Team, составен од кардиолози и кардиохирурзи, што уште еднаш ја нагласува важноста на мултидисциплинарниот пристап во третманот на комплексни срцеви заболувања.
Пациентите, на возраст од 70 до 85 години, имаа сериозни придружни заболувања и претходни кардиохируршки зафати, што дополнително ја зголемува комплексноста на интервенциите. Секој случај беше внимателно анализиран и третиран индивидуално, а сите процедури завршени успешно.
По завршување на интервенциите, четворица од петте пациенти беа испишани следниот ден во стабилна општа здравствена состојба, а се очекува во наредните два дена и последниот од нив да биде пуштен на домашно лекување.
TAVI (Transcatheter Aortic Valve Implantation) претставува современа метода за вградување на вештачка аортна валвула по транскатетерски пат, без потреба од класична операција и рез на градната коска. Процедурата најчесто се изведува преку артериите на препоните и носи бројни придобивки, меѓу кои пократок болнички престој, побрзо закрепнување и значително намален ризик од компликации.
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.