Во рамки на настанот „Pinktober: Носам розово за другарка ми“ кој го организираше заедницата за поддршка на мајките „Мама круг“, се одржа едукативно предавање на м-р д-р Александар Бојаџиев, специјалист по гинекологија од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Тој во своето излагање испрати силна и јасна порака за важноста на редовните превентивни гинеколошки прегледи.
Во своето обраќање, д-р Бојаџиев ги потсети присутните дека грижата за здравјето треба да биде секојдневен приоритет, а не реакција кога веќе ќе се појават симптоми. Тој нагласи дека раното откривање на промените во телото спасува животи и дека редовните контроли се најмоќното оружје против малигните заболувања кај жените.
Настанот „Pinktober - Носам розово за другарка ми“ беше посветен на подигнување на свеста за женското здравје, важноста на редовните превентивни прегледи и меѓусебната поддршка меѓу жените. Во присуство на голем број учеснички беа спакувани и подароци за пациентките заболени од карцином, со пораки од срце и симболична розова порака за надеж и солидарност.