На 39. Годишен состанок на EACTS , најголемиот кардиоторакален кoнгрес во светот, кој се одржа од 8 до 11 октомври во Копенхаген, Данска, учествуваа водечки експерти од целиот свет, меѓу кои и проф. д-р Александар Николиќ, специјалист по кардиохирургија. Овој престижен собир, кој се одржа под мотото „Дизајнирање на иднината – Иновирај, откривај, едуцирај“, понуди висококвалитетна научна програма каде што учесниците имаа можност за размена на знаења, идеи и искуства, со цел унапредување на медицинските области поврзани со кардиоваскуларната и торакалната хирургија.
На конгресот беа претставени најновите научни истражувања, хируршки техники, технологии и иновации во третманот на заболувања на срцето, белите дробови и крвните садови.
Професорот Николиќ активно учествуваше во панел-дискусија со меѓународни експерти, каде што беа разменети искуства и идеи за унапредување на клиничката практика и резултатите од лекувањето на пациентите.
Учество на ваков престижен конгрес претставува уште една потврда за континуираната посветеност на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ кон највисоките стандарди во медицината, следење на глобалните трендови и примена на најсовремените пристапи во грижата за пациентите.