Кога ќе наполни човек 57 години, обично мисли дека го познава своето тело и знаците што ги испраќа. Но, животот понекогаш нè изненадува на најнеочекувани места и во најнеочекуван миг. Така започнува приказната на Глигор Дачевски, кој на прв поглед имал само „мали симптоми“, а на крај завршил со поставување на четири аортно-коронарни бајпаси.
„Бевме на викенд во Боровец со сопругата кога почувствував болка и непријатност во градите. Не беше класична болка што те парализира, туку повеќе чувство на притисок и нелагодност. Решивме да застанеме во една болница таму. Докторите направија прегледи, но рекоа дека нема ништо сериозно,“ раскажува Глигор. Иако веста звучела охрабрувачки, немирот не исчезнал. По враќањето во Скопје, состојбата продолжила. Најпрво се упатил на Инфективната клиника, а потоа и на Кардиологија.
„ЕКГ-то беше добро, ништо алармантно. Но ензимите на срцето покажаа мало покачување. Тоа беше првиот знак дека нешто се случува. Ме задржаа на интензивна нега и ми даваа лекови. Немав некои силни симптоми, освен таа нелагодност во градите. Но ензимите продолжија да растат“, вели Глигор. Вечерта му направиле коронарографија. Резултатот бил јасен: препорака за поставување четири аортно-коронарни бајпаси.
„Кога го слушнав тоа, некако останав смирен. Не почувствував опасност по живот. Верував дека сè ќе заврши добро“, додава тој.
Уште еден дополнителен аларм кој го испраќал телото на Глигор е заморот при изведување на редовните вежби, тој активно вежбал – АТГ-програма за движење и сила.
„Кога вежбав со тегови, во еден момент почна да ми се јавува замор при изведувањето. Денес знам дека тоа бил уште еден сигнал. Но токму вежбањето ми помогна многу побрзо да закрепнам по операцијата. Телото беше подготвено“, вели Глигор.
ДОВЕРБАТА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ БЕШЕ КЛУЧНА ДА ДОЈДЕМЕ КАЈ ПРОФ. НИКОЛИЌ
Глигор заедно со сопругата донеле заедничка одлука интервенцијата да биде изведена на Одделот за кардиохирургија во „Аџибадем Систина“.
„Размислувавме многу внимателно. За нас не беше само важно да се изведе интервенцијата, туку и понатамошната грижа да биде во најдобар ред. Мојата сопруга е исто така докторка, и нејзината одлука да дојдеме во оваа болна беше навистина оправдана. Имавме и претходно одлични искуства со Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, и тоа ни даде сигурност. Довербата е половина од лекувањето“, објаснува Глигор.
Интервенцијата ја изведе проф. д-р Александар Николиќ, кардиохирург.
„Аортно-коронарниот бајпас е хируршка процедура која се изведува со цел да се подобри протокот на крв кон срцевиот мускул. Се применува кај пациенти кај кои коронарните артерии – крвните садови што го снабдуваат срцето со кислород и хранливи материи – се стеснети или целосно блокирани, најчесто поради атеросклероза (наслаги од маснотии и калциум на ѕидовите на артериите). За време на операцијата се користи здрав крвен сад земен од друга област на телото, кај Глигор тоа беше раката и се прикачува така што крвта го заобиколува стеснетиот или затворениот дел од коронарната артерија. На овој начин се воспоставува нормален проток на крв до срцевиот мускул. Главната цел на оваа операција е да се намали болката во градите, да се подобри квалитетот на животот и да се спречи срцев удар или други компликации. Операцијата беше успешна, поставени беа четири аортно-коронарни бајпаси. Пациентот се стабилизира веднаш по постапката, и рехабилитацијата помина според сите современи стандарди“, изјави проф. д-р Николиќ.
„Прво нешто што почувствував беше огромно олеснување. Бев свесен дека сè е зад мене и дека имам нова шанса за живот. Тимот беше прекрасен – од професорот до сестрите и физиотерапевтите. Секој ден ми помагаа да застанам на нозе. Се чувствував безбедно, поддржано и охрабрено.“
„Рехабилитацијата навистина помина супер. Чекор по чекор се враќав во нормала. Денес можам да кажам дека сум повторно активен, внимавам повеќе на здравјето и на сигналите што телото ми ги испраќа. Научив дека не треба да се игнорираат малите симптоми. Тие можат да бидат гласници на нешто големо.“
„Ако можам да оставам порака, тоа е дека секој треба да верува во медицината и да не ги занемарува симптомите. Благодарен сум што мојата сопруга инсистираше да направиме дополнителни испитувања и што ја донесовме одлуката за ‘Аџибадем Систина’. Тука добив нов живот, a за тоа не постојат доволни зборови на благодарност.“
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.