Студентите од Факултетот за медицински науки при УГД Штип изразија големо задоволство по завршувањето на својата двомесечна пракса во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Ова искуство им овозможи непосреден контакт со најсовремените медицински технологии и работа под менторство на врвни доктори со долгогодишно искуство. Практичната настава се одвиваше на Одделот за гинекологија и акушерство, како и на Одделот за педијатрија, каде што студентите имаа можност да го применат своето теоретско знаење и да стекнат вештини кои ќе им бидат од непроценливо значење за во иднина.
„Благодарни сме што имавме прилика да видиме како изгледа медицинската пракса одблиску, да учиме од најдобрите и да се запознаеме со динамиката на работа во една модерна клиничка болница. Ова искуство значително ќе ни помогне во нашето професионално усовршување“, изјавија студентите.
Деканката на факултетот, проф. д-р Милка Здравковска истакна дека им причинува огромно задоволство што нивните студенти ја добиваат можноста за практична едукација во болница каква што е ,,Аџибадем Систина”, која нуди врвни услови и стандарди за третман на пациенти.
„Клиничката болница ‘Aџибадем Систина’ е посветена на поддршката и развојот на младите и перспективни кадри од областа на медицината. Нашата мисија е да овозможиме едукација што ќе им помогне на идните доктори да се изградат во врвни професионалци, кои ќе бидат столб на стабилен и квалитетен здравствен систем во државата “, изјави проф. д-р Андреј Петров.
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.