„Актуелности во неонатологијата 2024“ - Симпозиум посветен на светскиот ден на недоносените деца

19.11.2024

Од 15 до 17 ноември во Скопје се одржа симпозиум под наслов ,,Актуелности во неонатологијата 2024” кој беше посветен на светскиот ден на предвреме родените деца. На овој симпозиум, кој беше во организација на Здружението на неонатолозите на Македонија, учество зедоа над 150 доктори, неонатолози, педијатри, гинеколози, перинатолози и хирурзи од нашата земја, како и гости предавачи од Словенија, Хрватска и Србија, кои одржаа над 30 предавања поделени во сесии според различните проблематики од областа на неонатологијата.

Активно учество со свои предавања имаа и доктори од Клиничката болница ,,Аџибадем Систина”: прим. д-р мед. науки Душко Фидановски, во својство на претседател на Научен одбор и член на Управен одбор на здружението, д-р мед. науки Александар Сајковски, доц. д-р Наташа Најдановска- Алулоска, д-р Радица Муратовска-Делимитова, проф. д-р Анета Демерџиев, доц. д-р Корнелија Трајкова, д-р Павле Димчев и доц. д-р Ристо Симеонов.

Поделени во неколку сесии, беа изложени најновите сознанија во превенцијата на недоносеноста и лекувањето на недоносените деца каде што беа опфатени проблематики од областа на болести на респираторниот, кардиоваскуларниот и централниот нервен систем, сесии посветени на најчестите хируршки проблеми кај новороденото, како и сесии посветени на перинатолошка проблематика и превентивни програми кај недоносеното.
Овој симпозиум беше одлична можност за размена на искуства со реномирани експерти од областа на неонатологијата од нашата земја и регионот, стекнување сознанија за најновите научни достигнувања и тераписки можности, како и  унапредување на сопствените можности во давањето најдобра здравствена грижа за новороденото.

 

    

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.