Сeкаде во светот, секоја година од 1 до 7 август се одбележува Светската недела на доењето, со цел промовирање на доењето, подигнување на свеста за неговата важност и истакнување на придобивките од мајчиното млеко. Клиничката болница „Аџибадем Систина“, како најголемо приватно родилиште во земјава и регионот, која бележи одлични резултати и постигнувања поврзани со исхраната на бебињата родени во болницата, секоја година учествува и ги поддржува активностите поврзани со Светската недела на доење.
Прим. д-р Душко Фидановски, специјалист по педијатрија, вели дека во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ едукациите на идните мајки започнуваат уште во текот на бременоста преку бесплатните предавања на кои искусен медицински тим составен од неонатолози и посебно обучени сестри, теоретски и практично им ги презентираат предностите на доењето и употребата на мајчиното млеко. За време на престојот, мајките ги посетува и нутриционист, кој им дава совети за правилна исхрана во доенечкиот период.
„Раното иницирање на доењето, во текот на првите 24 часа, е од голема важност за успешно отпочнување на лактацијата и нејзино одржување во следните месеци. Кај секоја трудница, породена во нашата болница, веднаш по породувањето се воспоставува оној близок контакт помеѓу мајката и бебето, кожа на кожа и по неколку часа од раѓањето се инсистира на реализација на првиот подој. Одделот за неонатологија во нашата болница е конципиран врз принципот на 24-часовен ‘руминг ин’, односно заеднички престој во иста просторија на новороденчето и мајката од моментот на раѓањето па сè до исписот од родилиштето, што е многу важно за нормалната адаптација на новороденото, како и за процесот на воспоставување лактација и исхрана со мајчино млеко. Родилките добиваат совети, поддршка и помош при совладување на техниките на доење, со цел полесно надминување на вообичаените тешкотии што се појавуваат на почетокот од овој процес“, вели д-р Фидановски.
По својот состав, мајчиното млеко претставува и храна и лек, бидејќи е составено од хранливи материи, витамини, минерали, олигоелементи, но и компоненти што имаат антиинфективен, антиинфламаторен и имуномодулаторен ефект, овозможувајќи оптимален раст и развој и ефикасна заштита од заболувања, кои можат да го зафатат незрелиот организам. Maјчиното млеко ги штити децата од респираторни и ентерални инфекции на кои новородените и младите доенчиња се повеќе изложени, а кај недоносените го намалува процентот на најчести компликации, како: некротизирачкиот ентероколитис, хроничната белодробна болест, ретинопатијата кај недоносените, доцни потешки инфекции и со тоа значително влијае врз намалување на неонаталната, доенечката и смртноста на деца до 5-годишна возраст.
„Во нашата болница за недоносени и деца што од различни причини се одвоени од своите мајки и престојуваат на Одделoт за неонатална интензивна нега, за непречено користење на мајчиното млеко постојат простории во кои мајките го измолзуваат и го складираат своето млеко, кое потоа се користи за исхрана на нивните деца. Мајките добиваат посебна едукација за нега од страна на медицинскиот персонал и учествуваат во подготовката на храна, со цел безбедно и самостојно да се грижат за своето дете во домашни услови“, вели д-р Фидановски.
По напуштањето на родилиштето, посебно обучени медицински сестри во првите 48 часа ги контактираат родилките и по потреба ги посетуваат и им помагаат во успешно спроведување на доењето во домашни услови. Едукацијата за правилна исхрана и доење продолжува и за време на редовните контроли на новороденчето во консултативните амбуланти каде што се следи напредокот во растот и развојот на новороденчето.