Огромен интерес меѓу студентите предизвика предавањето на проф д-р Александар Николиќ, кардиохирург, и на д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург, кое вчера се одржа на Медицинскиот факултет во Скопје. Околу 400 студенти беа пријавени да учествуваат и да го слушаат излагањето на врвните доктори од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Многу прашања, дилеми, интересна дискусија по предавањата – докторите несебично се вложија на студентите да им објаснат некои од предизвиците во современата медицина и во областите што ги водат. Самите се врвни и докажани доктори и носители на новитетите, а знаењето го споделија со заинтересираните студенти. Тие, пак, имаа многу прашања и по предавањата.
Проф д-р Николиќ, кој е еден од најреномираните кардиохирурзи во регионот, зборуваше за вештачкото срце. Во предавањето сподели детали од начинот на кој се имплементираат новините во овој процес и сите придобивки за пациентите. Д-р Чадиковски, кој е единствениот лиценциран детски кардиохирург и од неодамна лидер на Одделот за детска кардиохирургија во „Аџибадем Систина“, имаше предавање за детската кардиохирургија.
Настанот и предавањата беа организирани од Европската Mедицинска Студентска Организација.