Брза реакција, координираност и професионално постапување во услови на земјотрес и пожар демонстрираа вработените во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за време на симулациска вежба за заштита и спасување. Преку реалистично сценарио, болничките тимови ги проверија своите знаења и вештини за справување со кризни ситуации, со посебен акцент на безбедноста на пациентите, посетителите и персоналот.
Вежбата опфати повеќе активности, меѓу кои евакуација на болни и повредени лица на безбедно место, укажување прва медицинска помош, згрижување на пациентите и примена на мерки за противпожарна заштита. Целта беше да се проверат функционалноста на воспоставените процедури, подготвеноста на персоналот за постапување во случај на елементарни непогоди, како и ефикасноста на комуникацијата и соработката со надворешните служби за заштита и спасување.
Симулациската вежба беше реализирана во соработка со Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, која учествуваше со свои екипи и специјализирана опрема. Координатор на активностите беше Марјанчо Јаневски, командир на Единицата за заштита и спасување во „Аџибадем Систина“. Заедничкото дејствување на болничкиот персонал и противпожарните екипи ја потврди важноста на координираното постапување во ситуации во кои брзината и правилната реакција се од клучно значење.
Континуираната едукација, практичните обуки и редовното тестирање на безбедносните протоколи се дел од заложбите на „Аџибадем Систина“ за обезбедување сигурна и безбедна средина за сите пациенти, посетители и вработени.
Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.