СТРУЧНИОТ ТИМ ФАРМАЦЕВТИ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СО АКТИВНО УЧЕСТВО НА ДВА ЗНАЧАЈНИ НАСТАНИ

СТРУЧНИОТ ТИМ ФАРМАЦЕВТИ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ СО АКТИВНО УЧЕСТВО НА ДВА ЗНАЧАЈНИ НАСТАНИ

06.11.2026

Фармацевтите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ континуирано ја унапредуваат својата професионална експертиза преку активно учество на стручни конгреси и едукативни работилници, придонесувајќи за развојот на современата болничка и клиничка фармација.

Од 1 до 4 октомври 2026 година, во Охрид се одржа 8. Конгрес на фармацевтите во Северна Македонија со меѓународно учество, на кој м-р фарм. Оливера Спасовска, специјалист по клиничка фармација, го презентираше својот труд на тема „Влијанието на интервенциите на клиничкиот фармацевт врз оптимизацијата и безбедноста на терапијата кај критично болни пациенти“. Во презентацијата беше истакната значајната улога на клиничкиот фармацевт во оптимизацијата на терапијата и унапредувањето на безбедноста на пациентите во единиците за интензивна нега.

На 14. Работилница на болничките фармацевти на Република Северна Македонија, која се одржа од 30 октомври до 1 ноември 2026 година во Крушево, м-р фарм. Звездана Димовска Сарџовска ја презентираше темата „Организација на работата на болничката аптека и терапија по пациент“. Посебен акцент беше ставен на значењето на ефикасната организација на болничката аптека и индивидуализираниот пристап кон терапијата, во согласност со меѓународните стандарди на JCI за квалитет и безбедност. Во овој контекст, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ претставува пример за современа и напредна организација на болничко-фармацевтската дејност во нашата земја.

М-р фарм. Ленче Ангеловска ја презентираше темата „Од проценка на знаење до континуирана фармацевтска грижа“, нагласувајќи ја важноста на едукацијата и континуираната фармацевтска поддршка на пациентите со механички срцеви валвули кои примаат доживотна орална антикоагулантна терапија, со цел постигнување подобра терапевтска контрола и обезбедување побезбеден и поквалитетен живот.

Со ваквите стручни активности, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја потврдува својата посветеност на континуираниот професионален развој, унапредувањето на фармацевтската практика и обезбедувањето квалитетна и безбедна здравствена грижа за пациентите. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.