По повод ноември – месецот посветен на машкото здравје, во просториите на Општина Карпош вчера се одржа панел-дискусија на тема „Од дискусија до отворен разговор“, посветена на подигнување на свеста за грижата за машкото здравје и важноста на превенцијата.
Настанот го модерираше д-р Камелија Симеонова, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а како панелисти од болницата учествуваа: проф. д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, проф. д-р Дева Петрова, специјалист по онкологија и д-р Верица Малинкова-Димовска, специјалист по психијатрија.
Во фокусот на разговорот беа важноста на редовните превентивни прегледи, раното откривање на заболувањата, како и грижата за менталното здравје. Преку стручни совети и отворена дискусија, беше потенцирана потребата од навремена информираност, надминување на предрасудите и охрабрување на мажите отворено да разговараат за своето здравје и навреме да побараат стручна помош.
На настанот присутните ги поздравија и министерот за здравство и градоначалникот на Општина Карпош.
Со ваквите иницијативи се испраќа важна порака дека грижата за машкото здравје не треба да биде тема за која се молчи, туку отворен разговор и континуирана грижа за здравјето и квалитетот на животот.