ГЛАВНАТА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА НА КБ „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“, БИЛЈАНА ДИЛЕВСКА, ПАНЕЛИСТ НА VI МЕЃУНАРОДЕН КОНГРЕС НА ЗМСТАМ

ГЛАВНАТА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА НА КБ „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“, БИЛЈАНА ДИЛЕВСКА, ПАНЕЛИСТ НА VI МЕЃУНАРОДЕН КОНГРЕС НА ЗМСТАМ

30.09.2026

 Од 25 до 27 септември во Охрид се одржа VI меѓународен конгрес на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (ЗМСТАМ), под мотото „Професија што инспирира грижа, посветеност што менува животи“.

На свеченото отворање на конгресот, главната медицинска сестра на КБ „Аџибадем Систина“, Билјана Дилевска, учествуваше на панел-дискусија, на која имаше можност да одговори на прашања поврзани со организацијата на работата на медицинските сестри, како и со начините на справување со глобалниот недостиг на медицински сестри и неговото влијание врз здравствениот систем во државата. Учесниците на панел-дискусијата се согласија дека моделот на организација и работа во КБ „Аџибадем Систина“ може да послужи како позитивен пример за унапредување на организацијата на сестринските служби во терцијарното здравство, но и во здравствениот систем воопшто.

Во стручниот дел од конгресот, Билјана Дилевска ја презентираше темата „CEREBRAL PLUS (C+) – електронско досие на пациент: дигитална трансформација на сестринската практика и унапредување на безбедноста на пациентите“. Покрај Билјана Дилевска, активно учество на конгресот со стручни теми имаа и други претставници од КБ „Аџибадем Систина“. Андроники Бибовска, медицинска сестра задолжена за едукации и тренинзи, ја презентираше темата: „Кога технологијата станува наставник: вештачката интелигенција во едукацијата на медицинските сестри“, додека Дијана Лазаровска настапи со темата: „Сестринска грижа во итни состојби, кризи и вооружени состојби“. Стручниот дел од учеството на претставниците на КБ „Аџибадем Систина“ беше заокружен со презентацијата на Кристина Ристовска и Лидија Стојановска на тема: „Улога на медицинска сестра-инструментарка во роботски асистирана хирургија: предизвици, компетенции и идни перспективи“.

КБ „Аџибадем Систина“ и на овој конгрес, преку своите претставници, имаше можност да размени професионални искуства, мислења и знаења со колеги од земјава и регионот. Медицинските сестри во КБ „Аџибадем Систина“ се најбројниот медицински кадар, а болницата континуирано вложува во редовни тренинзи и едукативни програми, со цел нивен професионален развој, унапредување на квалитетот на здравствената грижа и одржување високо ниво на безбедност во работата со пациентите. Благодарение на одличната соработка со Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (ЗМСТАМ), уште еднаш беа претставени новитетите, современите пристапи и високите стандарди според кои работат медицинските сестри во нашата болница.

 

 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.