Аџибадем Систина

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДЕЛ ОД 42. КОНГРЕС ЗА ХУМАНА РЕПРОДУКЦИЈА И ЕМБРИОЛОГИЈА - ESHRE 2026

09.07.2026

Дел од тимот на Одделот за ин витро фертилизација при Клиничката болница „Аџибадем Систина“ учествуваше на 42. Годишен конгрес на ESHRE - Европското здружение за хумана репродукција и ембриологија, кој се одржа во Лондон од 5 до 8 јули 2026 година.

ESHRE е еден од најзначајните меѓународни настани во областа на репродуктивната медицина, ин витро фертилизацијата, ембриологијата, фертилитетот и репродуктивната наука. На овогодишниот конгрес учествуваа повеќе од 10 000 доктори, ембриолози, научници, истражувачи, ИВФ-специјалисти, клиники, лаборатории и компании од областа на репродуктивното здравје.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на конгресот ја претставуваа:

„Нашиот тим традиционално секоја година учествува на овој значаен настан, на кој се презентираат најновите научни достигнувања и сознанија во областа на репродуктивната биологија и медицина. Богатата програма, составена од предавања на еминентни експерти со долгогодишно искуство, интерактивни дебати и практична работа, претставува одлична можност за стекнување на нови знаења, размена на искуства и следење на најсовремените препораки. Нашата цел е на пациентите да им обезбедиме најквалитетна услуга и да им помогнеме во остварувањето на нивниот сон да станат родители“, велат докторите.

Дел од конгресот беше и ембриологот м-р Ана Орлиц, која истакна дека голем акцент бил ставен на современите научни пристапи во ембриологијата, меѓу кои и транскриптомиката – наука што ги проучува РНК-транскриптите и гените одговорни за активација на јајце-клетките, фертилизација, рано ембрионално програмирање, енергетски метаболизам, оксидативен стрес и токсичност на криопротектантите.

„Методот на брза витрификација, кој го практикуваме во нашата клиника, покажува значајни предности во однос на конвенционалната витрификација, со подобри резултати и повисока експресија на гените. За првпат, со помош на термокамера, беа снимени јајце-клетки под течен азот, со цел да се проследи зачуваната морфологија на замрзнатите јајце-клетки. Овие сознанија дополнително ја нагласуваат важноста на навременото зачувување на фертилитетот преку замрзнување на јајце-клетки, особено кај помладата популација. Исто така, беше истакната и поддршката за современите генетски тестирања како PGT-A, PGT-SR и PGT-M“, изјави м-р Ана Орлиц.

Учеството на вакви меѓународни конгреси е дел од континуираната заложба на „Аџибадем Систина“ за следење на најновите медицински достигнувања и примена на современи методи во третманот на пациентите. Преку размена на знаења и искуства со водечки светски експерти, тимот на болницата продолжува да ја унапредува грижата за репродуктивното здравје и третманите за фертилитет. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.