Аџибадем Систина

ТРЕТА ГРУПА ХИРУРЗИ ОД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ НА ОБУКА ЗА РОБОТСКА ХИРУРГИЈА ВО ИСТАНБУЛ

09.06.2026

Трета група хирурзи од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ престојува на обука за роботски асистирана хирургија во TOUMAI® Центарот за обука по роботска хирургија, развиен во соработка со MicroPort во рамки на Универзитетот Аџибадем во Истанбул, Турција.

Во оваа група се вклучени специјалистите по детска хирургија: доц. д-р Ристо Симеонов и д-р Златко Алексовски, како и специјалистите по дигестивна хирургија: д-р Владимир Аврамовски и д-р Ален Јовчевски.

Во областа на дигестивната хирургија, роботската технологија може да се применува кај речиси сите елективни, односно неитни процедури што денес се изведуваат по класичен или лапароскопски пат. Нејзината примена опфаќа хирургија на гастроинтестиналниот тракт, вклучувајќи: третман на ГЕРБ, хијатална хернија, бенигни и малигни тумори на желудникот, хируршки интервенции на тенкото црево и колоректална хирургија. Роботската хирургија се користи и кај операции на паренхимни органи, како што се: црниот дроб, панкреасот и слезината, како и при хирургија на стомачниот ѕид, вклучувајќи ингвинални и вентрални хернии.

Со воведувањето на хируршкиот робот, „Аџибадем Систина“ ќе овозможи примена на најсовремена минимално инвазивна хирургија и кај педијатриските пациенти, вклучувајќи ги и новороденчињата. Роботската хирургија кај децата ќе се применува првенствено во детската урологија, детската абдоминална хирургија и неонаталната хирургија. Оваа напредна технологија овозможува исклучителна прецизност, поголема безбедност и пократко времетраење на хируршките интервенции. За најмалите пациенти тоа значи помала хируршка траума, побрзо закрепнување, пократок болнички престој и подобри постоперативни резултати.

 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.