Аџибадем Систина

БЛАЖЕ ДИМИТРОВСКИ: Д-Р AЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ СПАСУВА ЖИВОТИ КОГА ШАНСИТЕ СЕ МИНИМАЛНИ

15.05.2026

Во светот на медицината постојат интервенции коишто не се само операции, туку вистински битки меѓу животот и смртта. Приказната на Блаже Димитровски (60) од Крива Паланка е токму таква – приказна за издржливост, надеж и врвна медицина што поставува нови стандарди. Пензионер веќе 10 години, Блаже денес живее активен и исполнет живот. Пешачи и до 20 километри дневно, со насмевка зборува за секојдневјето и со искрена благодарност за лекарите кои, како што самиот вели, „му го подариле животот вторпат“.

ПРВАТА БОРБА – ПОЧЕТОКОТ НА ПАТОТ

Неговата здравствена приказна започнува пред повеќе од една деценија. Во 2016 година, по сериозни здравствени индикации, му била извршена првата операција на аортата од страна на проф. д-р Салис Таџер. Интервенцијата поминала успешно и Блаже повторно се враќа на нормалниот живот. „Се чувствував добро. Се движев, работев, дури и премногу“, вели тој денес, со доза на самокритика. Со текот на времето, иако пензионер, започнал интензивно физички да се оптоварува, работел тешка физичка работа, а истовремено се соочувал и со висок крвен притисок – комбинација која, без да биде свесен, повторно го довела во животна опасност.

ДЕНОТ КОГА СÈ СЕ СМЕНИ

На 5 август 2025 година, поради силна, ненадејна и интензивна болка во грбот, Блаже побарал лекарска помош. Состојбата бргу се влошила и со Брза помош бил транспортиран директно во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Дијагнозата била сериозна и застрашувачка – дисекција на торакоабдоминалната аорта, една од најтешките и најризични состојби во кардиохирургијата, особено кога станува збор за повторна операција.

ИНТЕРВЕНЦИЈА ШТО ВЛЕГУВА ВО ИСТОРИЈАТА

Операцијата ја предводел проф. д-р Александар Николиќ, специјалист по кардиохирургија, заедно со високо стручен мултидисциплинарен тим. „Станува збор за исклучително сериозна и тешка интервенција, затоа што е реоперација. Опасноста и ризикот се значително поголеми. Ова е единствена ваква операција направена во нашата земја“, објаснува проф. д-р Николиќ. По интервенцијата следувал најкритичниот период. Блаже бил во кома цели 40 дена, која била индицирана од страна на докторскиот тим, сѐ со цел хемодинамиката и размената на гасови да достигнат одредено ниво, кога докторите би можеле да го тргнат Блаже од машината за дишење. „Поради сериозноста на состојбата, лекарскиот тим донесе одлука пациентот да не се буди. Секој ден беше борба, секој параметар беше важен“, додава докторот.

ТИМСКА ПОЖРТВУВАНОСТ И ЧОВЕЧКА ГРИЖА

Во тие денови, медицината не била само наука, туку и човечност. Од докторите, преку медицинските сестри, до болничарите – сите биле целосно посветени на неговото закрепнување. „Се грижеа за мене како за свој. Постојано беа во контакт со моето семејство, со мојата ќерка. Им објаснуваа, им даваа надеж и сила“, раскажува Блаже. Таа постојана комуникација и транспарентност, како што вели, му дале мир и сигурност, дури и кога самиот не бил свесен за тоа.

ПОБЕДА И НОВ ПОЧЕТОК

По долги недели, телото ја издржало битката. Блаже се разбудил. Денес, со стабилно здравје и неверојатна енергија, повторно го живее животот со полни гради. „Сега сум одлично. Активен сум, пешачам по 20 километри дневно. Секој чекор го чувствувам како подарок“, вели тој.

БЛАГОДАРНОСТ ШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗМЕРИ

На крајот, неговите зборови се едноставни но силни: „Проф. д-р Александар Николиќ е најдобриот доктор. Треба да бидеме благодарни и среќни што еден ваков голем човек го имаме во земјава. Тој спасува животи и се бори за здравјето на пациентите со знаење, но и со срце.“ Приказната на Блаже Димитровски не е само лична победа. Таа е сведоштво за тоа што значи современа македонска медицина, тимска работа и човечка грижа. Приказна што инспирира, охрабрува и потсетува дека – дури и кога шансите се мали – животот знае да победи. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.