Неврохируршкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ првпат изведе мозочна фрејмлес-биопсија со примена на најсовремен Vertek-систем за невронавигација. Станува збор за еден од најпрецизните пристапи на биопсија, која се изведува преку минимален отвор и без поставување на класична метална рамка фиксирана на главата.

„Современата фрејмлес-биопсија на мозок обезбедува висока прецизност, благодарение на примената на системот за невронавигација, кој ни овозможува точно да ја достигнеме лезијата дури и кога таа се наоѓа длабоко во мозокот или во близина на критични мозочни структури. Преку минимален отвор на главата, инструментот внимателно се насочува кон промената, избегнувајќи витални структури и крвни садови, а целата процедура во просек трае пократко, во споредба со класичните методи за биопсија“, вели доц. д-р Миленко Костов, неврохирург.
Со овој тип биопсија се овозможува навремена и точна дијагностика, која е клучен чекор во планирањето на понатамошниот третман. Благодарение на високата прецизност, ризикот од компликации е значително намален, што ја прави процедурата поефикасна и побезбедна од класичните методи. Дополнително, пациентите се враќаат побргу на секојдневните активности, бидејќи малата инвазивност овозможува пократок болнички престој и побрзо закрепнување.