Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ја продолжува традицијата на академска пракса, пречекувајќи ги шеста година по ред студентите од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, со цел да ги унапреди нивното стручно знаење и практични вештини.
На самиот почеток, проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија и професор на УГД – Штип, им упати добредојде на студентите, нагласувајќи дека ваквото практично искуство е од исклучително значење за нивниот професионален развој. Тој ги охрабри максимално да ги искористат можностите што ги нуди оваа соработка и да се стекнат со нови знаења кои ќе им бидат од корист во нивната идна кариера.
Студентите ќе ја реализираат праксата во две групи – на Одделот за гинекологија и акушерство и на Одделот за педијатрија, каде што под водство на искусни специјалисти ќе имаат можност активно да учествуваат во практични активности и да се запознаат со современите медицински пристапи.
Како една од водечките здравствени установи во регионот, „Аџибадем Систина“ им овозможува на студентите пристап до напредна медицинска технологија и методи на работа, што претставува значајна предност во нивната едукација, придонесувајќи за создавање на висококвалификуван и компетентен медицински кадар.