Изминатиот викенд во Скопје се одржа Втората годишна научна конференција во организација на Универзитетската клиника за дерматологија, на која зедоа учество бројни домашни и странски предавачи од Бугарија, Србија, Хрватска и Турција.
Тимот на „Аџибадем Систина“ оствари значаен успех, освојувајќи прва награда за најдобра постер - презентација која ја изработија: д-р Мартин Анѓелов и д-р Сара Муратовиќ, специјализанти по општа хирургија, под менторство на проф. д-р Боро Џонов и д-р Мирјана Нацка, специјалисти по пластична и реконструктивна хирургија.
Нивната наградена презентација беше на тема: „Техника за експанзија на ткиво како современ метод на избор за третман на лузни и контрактури по изгореници – приказ на случај“, при што беше истакната современата примена на оваа метода во реконструктивната хирургија.
Конференцијата ги обедини дерматолозите и лекарите од повеќе специјалности околу три клучни области: дерматоонкологија, детска и адолесцентна дерматологија, како и третман на лузни од изгореници.
Предавањата ги проследија повеќе од 60 слушатели, кои имаа можност да се едуцираат и да разменат искуства со врвни експерти од земјата и странство. Овој успех претставува уште една потврда за посветеноста и стручноста на медицинскиот тим на „Аџибадем Систина“.