Во топла и пријатна атмосфера, во детската градинка „Корчагин“ се одржа едукативна работилница наменета за воспитувачките, организирана од стручниот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Работилницата ја водеа: доктор Камелија Симеонова, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија, м-р доктор Верица Малинкова-Димовска, специјалист по психијатрија и м-р Ајше Исљам, психолог.
Преку интерактивен пристап и отворена дискусија, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за емоционалниот развој кај децата, со посебен акцент на важноста од раната емоционална поддршка, квалитетната комуникација и создавањето сигурна и поттикнувачка средина.
Работилницата беше посветена на значајната улога на воспитувачките како тивки херои на детството – личности коишто секојдневно, со многу љубов, трпение и грижа, оставаат траен и позитивен белег во развојот на секое дете.
На крајот, стручниот тим упати искрена благодарност до сите воспитувачки за нивната посветеност, топлина и несебична грижа, истакнувајќи дека токму тие ја поставуваат основата за здраво, сигурно и среќно детство.