Во насока на унапредување на менталното здравје кај децата и младите, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ започна со реализација на психо-едукативен циклус работилници за наставниците од општинските основни училишта во Општина Карпош. Првата работилница се одржа во просториите на Општина Карпош, а ја водеше д-р Камелија Симеонова, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Овие активности се дел од континуираната општествено одговорна мисија на болницата, насочена кон поддршка и едукација на образовниот кадар.
Работилницата, насловена „Наставникот кој допира вечност“, беше посетена од наставници и стручни соработници од основните училишта во Карпош и беше насочена кон јакнење на психолошката стабилност на наставниот кадар преку стручна и применлива интерактивна едукација. Преку примери, реални ситуации од секојдневјето и искуства од наставната практика, беа споделени практични совети и насоки за соодветно постапување и комуникација со децата и адолесцентите.
Во текот на работилницата се отвори дискусија за психолошкиот товар со кој се соочуваат наставниците, како и за значењето на саморегулацијата и примената на практични техники за смирување во предизвикувачки ситуации. Посебен акцент беше ставен на улогата на наставникот како прв препознавач на емоционалните и психосоматските индикатори кај учениците, како и на важноста од навремена соработка со стручни лица и институционално постапување.Како дел од едукативниот процес, учесниците добија и примерок од прирачникот на д-р Камелија Симеонова, кој нуди насоки и алатки за успешно справување со предизвиците во работата со тинејџерите.
Психо-едукативните работилници ќе продолжат и во наредниот период и се планира да ги опфатат сите 10 основни училишта на територијата на Општина Карпош. Со ваквиот пристап, Клиничката болница „Аџибадем Систина“, во соработка со локалната самоуправа, дава значаен придонес кон создавање поддржувачка, безбедна и емпатична училишна средина, заснована врз доверба, грижа и разбирање.