Новороденче старо 1 ден ја извојува најтешката битка. Родителите на ова храбро девојче велат дека не биле подготвени за оваа битка, но верувале во храброста на својата хероина која им дала надеж и верба дека овој голем предизвик успешно ќе го надминат заедно. Тие велат дека брзата интервенција и професионалноста на специјалистот по детска хирургија, доц. д-р Ристо Симеонов, како и докторите и сестрите од Одделот за интензивна нега во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, биле клучни за преживување на малечката хероина.
За мајката ова била втора бременост без никакви компликации, која била редовно контролирана. За време на редовен ултразвучен скрининг уште во 28. недела е поставено сомневање за вродена аномалија на тенкото црево кај плодот од страна на д-р Павле Димчев, специјалист по гинекологија и акушерство, за кого велат дека им укажувал на смиреност и внимателно го следел понатамошниот развој на плодот. По веста за вродената аномалија, секој следен преглед бил исполнет со неизвесност, а родителите велат дека како што поминувале деновите, сè повеќе биле исплашени затоа што не знаеле што ќе се случува веднаш по раѓањето на детето. Тие велат дека одговори на некои прашања за можните компликации што би влијаеле врз здравствената состојба кај нивното дете побарале и од д-р Радица Муратовска-Делимитова, специјалист по педијатрија уште во текот на бременоста.
„Кога веќе знаевме дека пред нас следува голгота, одлучивме да се консултираме и со педијатарот, д-р Радица Муратовска-Делимитова, која беше со нас од самиот почеток на оваа битка, од 28. недела во бременоста кога се постави сомнение дека постои некаков проблем и беше со нас сè до поттикнувањето на првата столица кај бебето. Таа ни ја даде најдобрата препорака да го информираме доц. д-р Ристо Симеонов за нашиот случај, кој рече дека веднаш по породувањето ќе се направат сите потребни испитувања за потврдување на дијагнозата и план за операција“, вели мајката.
Веднаш по породувањето, малечката хероина беше хоспитализирана на Одделот за неонатaлна интензивна нега со подуен стомак и билијарно повраќање. На Одделот беа направени сите иследувања за предоперативна подготовка и оперативен третман.
„Процесот на породување го минав лесно. Она што најмногу ме загрижуваше следуваше од моментот кога го слушнав првиот плач на нашата ќерка. Сакам да ѝ се заблагодарам и на д-р мед. науки Снежана Палчевска-Коцевска за навремената интервенција, која веднаш по породувањето откри дека мекониумот е повратен и побара да се направат дополнителни анализи“, вели мајката.
Таа додава дека нема зборови со кои може да им се заблагодари на сите вработени што биле вклучени во процесот на лекување на нивната ќерка, а особено се благодарни на доц. д-р Ристо Симеонов, д-р. мед. науки Снежана Палчевска-Коцевска, д-р Радица Муратовска-Делимитова и на анестезиологот д-р Милчо Мицевски кои биле во постојана меѓусебна комуникација и деноноќно ја следеле состојбата на малечката хероина. Родителите велат дека докторите биле достапни 24/7 за споделување информации околу состојбата на бебето.
„Д-р Симеонов е најпрофесионалниот и најхуман доктор што некогаш сме го запознале. Без сомневање прифати да биде тука за нас и нашата ќерка. Бескрајно сме му благодарни, бидејќи тој беше човекот што се согласи да ја води оваа битка заедно со нашата ќерка, а нас нѐ направи среќни родители кои можат да ѝ се радуваат цел живот. Тој е нашиот ангел чувар, а она што ни влеваше сигурност и доверба е разговорот со него, кој ни го посочи проблемот и детално ни ги објасни чекорите во лекувањето на нашето бебе“, велат родителите.
Времето билo многу важен фактор за состојбата на малечката хероина, а детскиот хирург доц. д-р Симеонов ја направи операцијата по само 27 часа од раѓањето.
„Вродените аномалии со кои се раѓаат бебињата бараат брза интервенција и обично во период од 24 до 78 часа кај нив треба да се направи хируршка интервенција. Кај ова женско новороденче по раѓањето беа направени низа испитувања со наод во прилог на илеус, суспектен meconium plug syndrome, суспектна тенкоцревна атрезија, по што се постави индикација за операција. Се направи ресекција со Т-Т анастомоза. Операцијата и постоперативниот тек поминаа уредно, а бебенцето во иднина нема да се соочи со никакви проблеми и ќе се развива нормално“, објаснува д-р Симеонов.
Неонаталната хирургија е гранка на детската хирургија, која се занимава со решавање на хируршките состојби кај новороденчиња, односно вродените аномалии. Во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ се изведуваат најсложените операции кај новороденчиња со тешки вродени аномалии. Кај некои состојби, потребен е ран хируршки третман, обично непосредно по раѓањето или во првиот месец од животот и е единствена приватна клиничка болница која хоспитализира деца со здравствени проблеми од сите специјалности.
„Најчести вродени аномалии кај бебињата се атрезиите, атрезија на езофагус, атрезија на дуоденум, атрезија на тенки црева, анална атрезија и кај овие состојби треба да се направи хируршка интервенција за да се воспостави континуитет. Овие хируршки операции се доста комплицирани, бараат концентрација, искуство и прецизност за исходот да биде добар“, вели д-р Симеонов.
Во „Аџибадем Систина“ во еден ден може да се направат: комплетна дијагностика, лабораториски анализи, радиолошки испитувања, да се постави дијагноза, за кратко време да се подготви пациентот и операцијата да се направи најбргу што може.
Copyright © 2024 Developed by Unet All rights reserved.