Марија Спирковска e родена Македонка со босанскохерцеговска адреса. Се образoвала во Италија и Холандија, а љубовта ја донела во Босна. Таа во своето интервју за roditelj.ba открива детали за трнливиот пат до потомство.
Вашата приказна е особено импресивна бидејќи 11 години сте се бореле за потомство. Може ли да ни објасните нешто повеќе за тој период?
Мислам дека мојата упорност, но и големата желба беа клучни за остварување на потомство. Сфатив дека храброста е нешто неисцрпно и по секој неуспех желбата беше уште посилна и поголема. Сметам дека на жените не им е признато низ сè што поминуваат и со сè што се соочуваат низ процесот на балансирање во текот на работните обврски и потомството. Сите овие процеси се одвиваа паралелно додека работев и создавав. И навистина не беше лесно. Кога имате приватен бизнис, немате работно време. Мора постојано да бидете тука за своите вработени, клиенти и соработници. Она што е клучно во целиот овој процес е дека во сите тие процедури, терапии и прегледи мора да биде вклучен и вашиот партнер. Ова е тимска работа и сопругот мора да ви биде најголема поддршка во овој процес. Покрај тоа, изборот на медицински лица е многу битен. Стручност, емпатија, достапност на докторите кои вас ве следат во клучните моменти кога некогаш сакате да се откажете, но и за време на целиот процес. Нашиот доктор, познатиот Михајло Поповиќ од Клиничка болница „Аџибадем Систина“, не се откажа од нас во ниту еден миг, дури и кога ние кренавме раце. Можеби и затоа денес сме родители на Хана, која ни го разубавува животот секој ден.
Колку неуспешните ИВФ-постапки влијаат врз менталното здравје?
Самиот процес на ИВФ е многу изискувачки и различно влијае кај сите. Знае да ве погоди емотивно, здравствено – психички и физички. Битно е да го следите своето тело и да почнете, тогаш кога ќе бидете повторно подготвени, да одите низ нов процес. Повторувам дека експертизата и ангажираноста на медицинскиот персонал што е со вас во овој процес се многу битен сегмент. Болка, тага, разочарување кога по илјадници инјекции ќе видите негативен тест или, пак, ако е позитивен, но за жал, подоцна имате спонтан абортус, оставаат трага засекогаш, оставаат празнина. Меѓутоа, јас се трудев по секој лош период да бидам уште појака и од секоја болка да станам подобра верзија на себе. Здравјето и разумот мора да останат приоритет, а љубовта водилка низ животот. Не бев сама во сето ова и затоа сум многу благодарна. Многу е важно жените физички подготвени да влезат во овој процес, да го слушнат своето тело.
Колку е важна упорноста?
Упорност, издржливост и храброст се потребни, меѓутоа исто толку се важни и вербата, надежта, желбата, разбирањето, односот на партнерот и работата на себе. Но, најважна е љубовта. Тоа е дел од вашата личност и ве опишува. Не треба да ви го загорчи животот и да ве фрли во некоја негативна дупка. Животот оди понатаму, продолжува и мора да најдеме храброст да го живееме најдобро што знаеме и умееме. Знам дека звучи лесно, но верувајте ми воопшто не е лесно, по пораз да продолжите напред. Иако доаѓа до фаза на фрустрации и емотивни кризи и треба храброст да се излезе како победник од тоа. Ќе ви дадам еден пример. Јас дојдов во една тешка фаза по еден спонтан абортус и само се трудев секојпат кога ќе останам сама во соба, да се обидам да излезам од лошите мисли и повторно да го најдам својот мир во душата. И тогаш добив и-мејл дека сум добила награда за посветеност и професионалност во работата и сфаќам дека јас сум тоа. Тоа е дел од мене, толку вредно и напорно работев низ годините во фирмата и дека со право ја заслужив оваа награда и одлучив да излезам на бина и да зборувам како вистински победник. Не беше лесно, но кажете ми што е лесно? Затоа ние жените сме неверојатни и моето воодушевување и почит кон жените се бескрајни.
Дали ИВФ е табу-тема во БиХ?
Оваа тема во БиХ стана поактуелна и се зборуваше за оваа тема поактивно последниве години. Претходно беше, а можеби и сè уште е табу. Но, ете се менува тој феномен, дека е срамота да зборувате за оваа осетлива тема, а за мене навистина нормална појава во нашето секојдневје. Јас позитивно размислував и верував дека сè повеќе внимание ќе се дава на овој проблем на современиот свет. Македонија е повеќе отворена кон оваа тема. Како финансиски, така и општествено, затоа што веќе 15 години отворено се зборува и се работи на неа. Еден брачен пар, доколку во време од една година брак не оствари потомство, треба да направи испитувања, да избера ИВФ-доктор кој ќе го следи и да има право на ваучери доколку инсеминацијата не успее. Тие ваучери може да се искористат во која било болница што има ИВФ-центри, важат на ниво на цела држава. Со стручноста и посветеноста на тимот што беше со мене (покрај мојот доктор, тука се и ембриолозите и медицинските сестри – Бобан, Анета и сите сестри), тимот ни помогна на секој можен начин, прво како луѓе, а потоа и како поддршка, делејќи ги сите моменти со нас. Тоа значи дека секој пар има еднакво право да се оствари како родител. Јас искрено сакам тоа ниво на размислување, освестеност, наука и знаење, процес, да го доживее и БиХ, бидејќи покрај процесот на ИВФ, клучно е и следењето на бременоста кога ќе дојде до неа, особено ако се водите како ризична бременост. Бидејќи тогаш почнува уште потежок период, а тоа е да се одржи бременоста и да се задржи плодот во утробата што подолго до породувањето.
Денес сте мајка на Хана. Може ли да ни ја претставите?
Хана, нашето дете, е вистински херој. Борец и моја инспирација, која ме научи во овие 14 месеци да откријам во себе особини што сум мислела дека ги немам, а тоа е трпеливост, трпеливост и само трпеливост. Родена е предвреме и беше предизвик да се грижиме за неа. Меѓутоа, таа соработуваше и ни покажа како едно мало дете може да постигне многу. Без обѕир на сè што поминавме, јас сум благодарна за сè. Бидејќи бременоста беше ризична, сè излезе добро на крајот. Дека и по раѓањето на Хана, имав среќа да имам одличен медицински тим – д-р Симонида Спасевска и медицинската сестра Сунчица, кои се грижеа за нас цело време додека бевме во Скопје. Уште една личност што беше со мене цело време е мојата мајка, која ми даваше сила секој ден. Денес Хана е мала упорна и многу весела палавка, која ме учи секој ден да бидам сè подобра верзија од себе и никогаш да не престанам да се смеам. Јас и мојот сопруг, од друга страна, ќе се потрудиме да бидеме најдобри родители за Хана. Таа е наш дар за сета наша пожртвуваност, енергија, упорност и верба.
Вие сте многу успешна жена, како успевате да ги поставите професионалните и домашните обврски заедно?
Ова е момент кога мора да кажам дека, без разлика што минатиот период не бев во нашата фирма физички, одговорностите и обврските ги презеде мојот сопруг. Бескрајно сум му благодарна затоа што ја водеше фирмата уште подобро. Им благодарам на сите.
За крај имате ли некоја порака?
Немам посебна порака, освен дека секој пар што поминува низ ова е вреден за почит и разбирање, особено жените, бидејќи поголемиот товар паѓа врз нив. Ве молам внимателно да бирате кој ќе ве води низ овој процес, но немојте да заборавите на себе, на својот однос во бракот или врска и на вашата љубов. Бидејќи животот оди понатаму, иако никој ви нема спомнато дека ќе биде вака. Но јас верувам дека убавината во сето ова е во секоја ситуација да пронајдеме порака и да се потрудиме да бидеме подобри, похрабри и поупорни.
Извор – roditelj.ba