Аџибадем Систина

Д-Р ЛИРИМ ДЕМИРИ Е ВИСТИНСКИ ХЕРОЈ НА СЕКОЕ ДЕТЕ

14.07.2026

Споделуваме искрена и емотивна препорака за д-р Лирим Демири од Жаклина, мајката на Теодор. По три години неизвесност и бројни прегледи, токму неговата стручност, трпение и посветеност помогнале да се открие вистинската причина за долгогодишниот проблем на Тео и да се најде соодветно решение.
„Сакам од срце да го пофалам д-р Лирим Демири. Ваков професионалец навистина ретко се среќава. Како самохрана мајка на дете со аутизам и изразена хиперактивност, три години баравме одговор. Отворивме многу врати. Многу доктори ни кажуваа дека треба да се извадат крајниците, но речиси никој не успеа ни темелно да го прегледа моето дете. Поради неговата хиперактивност, силата и стравот од прегледите, тоа беше речиси невозможно. Кога дојдовме кај д-р Лирим Демири, сè беше поинаку. И покрај плачењето, врескањето, отпорот и борбата, тој, со огромно трпение, смиреност и професионалност, успеа детално да ги прегледа носот, крајниците и ушите. Не се откажа ниту еден момент, туку покажа огромна посветеност и човечност. По деталниот преглед, ни објасни дека нема потреба од вадење на крајниците. Проблемот бил девијација на носната преграда и ни препиша соодветна терапија. Денес моето дете дише на нос, повеќе не спие со отворена уста и не ’рчи навечер. За нас тоа значи огромно олеснување и неизмерна среќа. Покрај тоа што е извонреден професионалец, д-р Лирим Демири е и прекрасен човек. Неговиот пристап, трпението и односот спрема децата не сум ги сретнала никаде досега. За мене, тој е вистински херој на секое дете. Бескрајно сум му благодарна што ни ја олесни барем оваа мака и ни ја врати надежта. Од срце го препорачувам на секој родител, особено на родителите на деца со аутизам и други развојни потешкотии. Голема благодарност и до Клиничката болница 'Аџибадем Систина', што во својот тим има лекар со ваква стручност, посветеност и човечност. Таквите доктори се најголемата вредност на едно здравство“, вели Жаклина. 

Copyright © 2026 Developed by Unet All rights reserved.