Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со низа активности се одбележа Денот на Дишенова мускулна дистрофија. Најголемо изненадување за децата беше дружбата со познатите кошаркари од МЗТ, браќата Дамјан и Војдан Стојановски, кои им подарија дресови со своето име и медали. На дружбата претходеше и проекција на филм „Живот во моите чевли“, приказна за предизвиците на децата со Душен мускулна дистрофија и нивните семејства, а беа проследени и мотивациските говори од д-р мед. науки Наталија Ангелкова, специјалист по педијатрија – невролог и доц. д-р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија, супспецијалист по детска кардиохирургија. Во организација на настанот активно се вклучи и здружението Асоцијација за мускулна дистрофија Македонија, а со поздравен говор присутните ги поздрави претседателот Ване Петридов.
Со овој настан се одбележа и продолжувањето на договорот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и трофејниот кошаркарски клуб МЗТ. Втора година по ред, болницата е медицински спонзор и се грижи за здравјето на кошаркарите. Д-р Владимир Аврамовски, заменик медицински директор во „Аџибадем Систина“, објаснува дека оваа соработка за болницата, како врвна здравствена установа, која е посветена на здравјето и на унапредувањето на спортските вредности, е од големо значење.
„’Аџибадем Систина’ во континуитет е посветена на одржување на здравјето на граѓаните, а во нашата работа во која се вклучени врвни професионалци во сите специјалности, особено внимание посветуваме на поддршката на спортот. Тоа го докажуваме низ годините – се грижиме за промоција на спортот во земјата, секако како докажан лидер во превенција и третман на спортските повреди, но и со поддршката на спортски клубови, федерации, поединци. Соработката со МЗТ Скопје, со овој трофеен клуб, ја продолжуваме и оваа сезона, искрено веруваме во нивните идни успеси. Да аплаудираме заедно на новите спортски резултати, а нашиот тим ќе овозможи темелна поддршка за здравјето на играчите“ – изјави заменик медицинскиот директор Владимир Аврамовски.
Од МЗТ, пак, изјавија дека им е особена чест што за здравјето на нивните играчи ќе биде задолжен медицинскиот персонал од најдобрата болница во земјава, а оваа поддршка сигурно ќе вроди со многу победи и трофеи.
„Горди сме што ја продолжуваме соработката, најдобрите секогаш се поддржуваат. Од наредната година се надеваме дека ќе го продолжиме трендот на успешност како на домашните натпревари така и надвор. За нас е од големо значење тоа што зад нас стои еден голем бренд во здравството како што е клиничката болница ‘Аџибадем Систина’“ – Филип Ѓоревски, извршен директор на МЗТ.
Светскиот ден за подигање на свеста за мускулна дистрофија е настан што се одржува секоја година на 7 септември. На овој ден се промовираат иницијативите за образование, залагање и социјална вклученост, со цел подобрување на квалитетот на животот на луѓето што живеат со дистрофинопатии. Овогодишното мото е: „Разбивање на бариерите и заедничко градење на подобра иднина“. Во светот приближно едно од 5 000 момчиња се раѓа со оваа болест, а болеста е предизвикана од мутација на хромозомот Х, поради што се засегнати главно мажите. Во нашава земја со невромускулни заболувања се соочуваат околу 100 деца. Со ДМД се дијагностицирани околу 50 деца.
Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.