Аџибадем Систина

БЛАГОДАРНИЦА ЗА КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ЗА ПРИДОНЕСОТ ВО СПРАВУВАЊЕТО СО НАЦИОНАЛНАТА КАТАСТРОФА „КОЧАНИ 2025“

30.04.2025

Благодарница за Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за придонесот во справувањето со националната катастрофа „Кочани 2025“ Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи (МАПРЕХ) ѝ додели Благодарница на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за нејзиниот ургентен здравствен одговор во справувањето со последиците од националната катастрофа „Кочани 2025“. Ова признание уште еднаш ги истакнува хуманоста и општествената одговорност на болницата, која и овој пат покажа дека секогаш стои во служба на граѓаните.

Веднаш по објавувањето на информацијата за трагичната несреќа, „Аџибадем Систина“ оформи кризен штаб кој беше во постојана координација со Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, со цел да се вклучи онаму каде што е најпотребно. Во најкус можен рок болницата се екипираше со доктори, медицински сестри и друг помошен персонал за брза медицинска реакција. Уште од утрото на 16 март, вратите на нашата здравствена институција беа широко отворени за сите повредени. Целокупниот медицински тим и сите капацитети на болницата одговорија на потребата да се згрижат повредените лица. Трите медицински возила на болницата од утрото беа на терен и веднаш се вклучија во медицинскиот транспорт на повредените пациенти до соодветните здравствени институции во земјава и во соседните држави. Медицинските возила на „Аџибадем Систина“ извршија вкупно 18 медицински транспорти, од кои: 4 меѓународни транспорти до болниците во Солун, 2 медицински транспорти за преземање на пациенти од друга здравствена институција до нашата и 12 медицински транспорти до аеродромот „Петровец“. Од почетокот на трагедијата во Кочани во КБ ,,Аџибадем Систина” беа примени 42 повредени пациенти, од кои 30 амбулантски прегледи и 12 хоспитализации. Меѓу повредените пациенти имаше случаи со набиеници, скршеници, изгореници од различен степен и пациенти со респираторни проблеми, како резултат на вдишаниот чад од пожарот. Повредените лица што беа третирани во „Аџибадем Систина“ ја добија најдобрата грижа на ниво на светските болници. Тоа го утврди и екипата на странски експерти, кои дојдоа да ја посетат болницата.

Како општествено одговорна институција, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и во иднина останува подготвена да даде поддршка и да дејствува во моменти на криза и потреба.

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.