Бременоста е најубавиот дел од животот на една жена, а раѓањето на детето еден од најубавите спомени. 31-годишната Симона вели дека по 6 години чекање конечно со нејзиниот сопруг в раце го држат најголемиот подарок. Ова е нејзина прва бременост, која била редовно контролирана во друга медицинска установа, била уредна и без никакви проблеми. Но, секоја бременост не е истa, што значи дека кај некои трудници може да се јават компликации, а таков е случајот на Симона, која вели дека нејзината состојба се променила во рок од 24 часа.
„Во текот на бременоста посакував сите да имаат бременост како мојата, која ја поминував со леснотија, без проблеми и грижи, но ете некои работи не можат да се предвидат. Мојата состојба се промени преку ноќ, мојот крвен притисок беше 240/150 mmHg, нешто што ме загрижи и ме натера веднаш да се упатиме во ’Аџибадем Систина’“, вели Симона.
На Одделот за гинекологија и акушерство, Симона била итно хоспитализирана со тешка прееклампсија за следење на нејзината состојба. Таа вели дека гинекологот што ја примил и породил, м-р д-р Златко Палчевски и кардиологот д-р Дејан Ковачевиќ, го спасиле нејзиниот живот.
„Бев примена во животозагрозувачка состојба и можам да кажам дека ме спасија д-р Златко Палчевски и кардиологот д-р Дејан Ковачевиќ, кои дадоа сѐ од себе за да ми ја стабилизираат состојбата со секаква медикаментозна терапија, а веднаш ми дадоа и терапија за зреење на белите дробови на плодот. Но, бидејќи мојата состојба немаше подобрување и по 24 часа, докторот одлучи да ме породи во 32. гестациска недела, бидејќи немаше време за чекање“, вели Симона.
Веднаш по породувањето, малечката Николија со тежина од 1600 грама беше згрижена на Одделот за неонатална интензивна нега со знаци на отежнато дишење, кое имало потреба од кислородна поддршка. На овој оддел храбрата Николија беше згрижена 20 дена и подготвена да си оди дома.
„Николија се роди порано од очекуваното, поради ризиците од состојбата на мама. Во почетокот имаше потреба од помош во дишењето и специјална грижа. Но, таа е голем борец, едно силно и активно бебенце кое бргу ги надмина сите ризици и брзаше да си оди дома, каде што е долго чекана. Николија е борец како мама, која во целиот тек е силна, полна со доверба и насмевки“, вели доц. д-р Наташа Најдановска-Алулоска, специјалист по педијатрија.
Симона и нејзиниот сопруг се благодарни за грижата и посветеноста на целиот персонал во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
„Не постои оцена на светот што можам да ја дадам за целиот тим, услугата и преостанатиот персонал. Прво се големи луѓе, а потоа професионалци. Нивната поддршка ни даде сила полесно да го пребродиме овој период и нѐ подготви за она што следува понатаму, како правилно да се грижиме за нашата Николија“, вели Симона.
ПРЕМАТУРНИТЕ НОВОРОДЕНЧИЊА СЕ НАЈГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ЗА МЕДИЦИНСКИОТ ТИМ
Најголема група од загрозените и критично болните новородени се недоносените (родени пред 37. гестациска недела) и бебиња со мала родилна тежина. Д-р Симонида Спасевска, специјалист по педијатрија, вели дека во светски рамки на годишно ниво се раѓаат околу 13 000 000 предвремено родени бебиња, кај 50% од нив причините за предвремено раѓање остануваат непознати.
„Овие новородени бараат специјална нега со брзи и ефикасни манипулации, високостручно знаење и посебна посветеност на целокупниот тим кој се грижи за нив, односно мултидисциплинарен пристап во лекувањето и понатаму во следењето на нивните развојни функции. Нивната специфичност е во недоволната матурација на сите анатомски и функционални системи. Клинички овие новородени се многу различни во однос на бебињата родени во термин, како во однос на својата родилна тежина и должина, структурата на кожата, зрелоста на системот за дишење, дигестија, термолабилност“, објаснува д-р Спасевска.
Нивното лекување се одвива во високоспецијализирани единици за интензивна нега, опремени според најновите стандарди пропишани за вакви единици, кои овозможуваат дијагностика и 24-часовен третман и мониторинг, каква што е и Единицата за интензивна нега во „Аџибадем Систина“, која располага со 13 места.
„На овој оддел се лекуваат критично болни новородени, кои имаат потреба од респираторна и кардиоциркулаторна поддршка, фототерапија, тотална парентерална исхрана. Целокупниот ангажман околу едно предвремено новороденче или критично болно новородено не е насочен само кон спасување на неговиот живот, туку и кон намалување на сите ризик-фактори кои подоцна би можеле да влијаат врз квалитетот на животот“, вели д-р Спасевска.
Д-р Спасевска вели дека раѓањето на овие бебиња е предизвик и стрес како за родителите така и за целиот медицински тим, кој е вклучен во нивното лекување, но она што е најважно е згрижувањето на бебето и давање правилна нега.
Copyright © 2024 Developed by Unet All rights reserved.