Викендов во Клиничка болница ,,Аџибадем Систина” беше изведена симулациска вежба за згрижување и евакуација на болни, повредени, посетители и персонал на безбедно место, давање прва медицинска помош, противпожарна заштита и справување со елементарни непогоди. Координатор на оваа вежба беше Марјанчо Јаневски, командир на Единицата за заштита и спасување во болницата. Како и во изминативе години, акцијата се реализираше во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје.
Целта на оваа вежба беше да се провери нивото на обученост на персоналот за справување со последици од елементарни непогоди, евакуација по настаната штета, соработка со други надворешни субјекти од системот за заштита и спасување.
Со оглед на тоа дека вработените во Клиничка болница ,,Аџибадем Систина” поминуваат обуки и вежби за справување во вакви ситуации, тие успешно одговорија на овој предизвик и ги потврдија своите знаења и способности.
Како општествено одговорна компанија чии основни приоритети се здравјето и безбедноста на пациентите, Клиничка болница „Аџибадем Систина“ и во иднина ќе вложува во ваков тип едукации, сѐ со цел степенот на безбедност при вакви ситуации да биде на што е можно повисоко ниво.
Copyright © 2024 Developed by Unet All rights reserved.