„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПЕТТА ГОДИНА ПО РЕД ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ЗА ИДНИТЕ ДОКТОРИ

06.11.2024

И оваа година студентите од Факултетот за медицински науки при УГД – Штип имаат можност да следат практична настава и да изведуваат практични вежби во најсовремената приватна болница во земјата. Годинава вкупно 78 студенти поделени во групи во текот на целата година ќе следат практични вежби на Одделот за гинекологија и акушерство и на Одделот за педијатрија.

„Целта на КБ ‘Аџибадем Систина’ е да отвори што повеќе можности за студентите, да придонесеме за нивно професионално усовршување преку изведување на овие практични вежби во болницата. Тука студентите ќе можат да видат работи што на друго место не можат да ги видат, а ќе учат од реномирани доктори со долгогодишно искуство во најсовремената болница во земјата“ – вели проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија и професор на Факултетот за медицински науки при УГД – Штип.

Меѓу присутните доктори беа и патолозите: проф. д-р Џенгис Јашар и проф. д-р Вања Филиповски, кои на студентите им посакаа добредојде и среќен почеток, а продеканката за настава, проф. д-р Марија Дарковска-Серафимовска, се заблагодари за оваа можност што им ја дава Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на идните доктори. Од друга страна, студентите со нетрпение го чекаа стартот на практичните вежби со големи очекувања за знаењето и искуството што ќе ги стекнат за време на практиката.

„Како студенти, нашите очекувања од вежбите во болницата 'Аџибадем Систина' се да стекнеме практично искуство и да го продлабочиме нашето разбирање за клиничката практика во реални услови. Се надеваме дека ќе ја надградиме теоретската основа што ја научивме на предавањата и ќе ја примениме директно во грижа за пациентите, под водство на искусни медицински професионалци. Ова практично искуство е непроценливо за развивање на нашите клинички вештини, учење на тимска работа во здравството и разбирање на одговорностите и предизвиците што доаѓаат со грижата за пациентите", велат студентите.

,,Аџибадем Систина", како општествено одговорна болница, и во иднина ќе продолжи со овој проект да придонесува и помага во обучување и усовршување на студентите што ја одбрале оваа професија, сѐ со цел во иднина да се продуцира поквалитетен кадар.

Copyright © 2024 Developed by Unet All rights reserved.