ЗАВРШЕН УШТЕ ЕДЕН ЦИКЛУС ОД ПРОЕКТОТ „АКАДЕМСКА ПРАКСА – ‘АЏИБАДЕМ СИСТИНА’“ КОЈ ПРОДОЛЖУВА И СЛЕДНАТА ГОДИНА

06.06.2024

Студентите од шеста година по општа медицина на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип успешно ја завршија својата пракса во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. На последниот ден од праксата за овој семестар беше организирана неформална средба на студентите со докторите од болницата, дел и нивни професори на факултетот и ментори за време на праксата, како и деканката на Факултетот за медицински науки, проф. д-р Милка Здравковска и продеканката за настава, проф. д-р Марија Дарковска-Серафимовска. На оваа средба, тие имаа можност да го дискутираат своето искуство во изведувањето на практичната настава во нашата болница.
Студентите што посетуваа практична настава на одделите за гинекологија и педијатрија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ пред сѐ изразија благодарност за срдечниот прием од страна на професорите, нивните ментори, но и целокупниот персонал во болницата. Потоа како позитивни искуства ја наведоа можноста да следат работење според протоколи, дијагностика со најсовремени методи и апаратура и секако, можноста да учат од докажани професионалци во медицината. Истакнаа дека се сретнале со пациенти како случаи од кои го надградиле своето знаење и кои засекогаш ќе останат во нивната професионална меморија. Некои од студентите веќе планираат својот стаж, на кој се обврзани пред да полагаат државен испит, да го реализираат во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
„Среќна сум што имав можност дел од стажот задолжителен во шестата година од моите студии да го поминам во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’. Ова искуство ми отвори нови интереси во гинекологијата и педијатријата, следејќи го начинот на работа и практикување на медицина базирана врз докази“, изјави Катерина Гогова, студентка.

Copyright © 2025 Developed by Unet All rights reserved.